По повод Светскиот ден на поезијата, Јуроп хаус реализираше настани кои обединија поети, уметници и публика, кои заедно го одбележаа овој ден преку јазикот и дијалогот.
Главните настани се одржаа во Јуроп хаус Скопје и Јуроп хаус Тетово, со фокус на поврзување на поети кои творат на македонски и албански јазик. Овие настани создадоа простор каде поезијата се доживува како заеднички јазик, надвор од разликите и бариерите.
Одбележувањето на Светскиот ден на поезијата се реализираше и во Струга, град со силен поетски идентитет. Како град на поезијата, Струга има посебно место во културниот пејзаж во земјата, затоа и голем дел од активностите се насочени кон негување на поетскиот израз и кон поддршката кон уметноста, при што Јуроп хаус и оваа година ќе ја поддржи Енхалон наградата во рамки на фестивалот “Струшки вечери на поезијата”.
Во Тетово, настанот „Кога зборовите стануваат слики – Kur fjalët bëhen imazhe“ донесе интеркултурен креативен експеримент кој ја поврза поезијата со визуелната уметност. Под модераторство на Ера Ѓакова, поети читаа на својот мајчин јазик, додека присутните паралелно го преточуваа слушнатото во цртежи. Овој интуитивен процес ги поттикна учесниците да реагираат не само на значењето, туку и на емоцијата на секоја поезија. На тој начин се создаде дијалог во кој јазичните бариери се надминуваат, а поезијата се доживува и преку збор и преку слика.
Преку овие активности, Јуроп хаус ја зацврстува својата посветеност кон дијалогот, културната размена и уметничкото изразување. Со обединување на различни јазици и заедници, овогодинешното одбележување на Светскиот ден на поезијата создаде момент на поврзување, каде поезијата се покажа како заедничка точка на разбирање.