Зголемената телесна тежина станува се посериозен здравствен предизвик во државава, со преваленца на обезност која достигнува меѓу 30 и 35 проценти, покажуваат најновите податоци. Особено загрижува фактот што трендот на пораст ги засега децата и адолесцентите.
Неделава во Охрид е отворен првиот центар за менаџирање на дебелина во југозападниот регион, вакви центри веќе функционираат на Клиниката за ендокринологија и во ГОБ „8 Септември“.
Обезноста претставува сериозна хронична болест поврзана со повеќе од 200 коморбидитети, меѓу кои кардиоваскуларни заболувања и дијабетес тип 2. Затоа, потребен е мултисекторски пристап и засилени активности за подигнување на јавната свест, истакна министерот за здравство Азир Алиу на стручниот симпозиум организиран од научното здружение за обезност ОБЕМ.
На симпозиумот беше нагласена и потребата од превентивно делување, како и од поголема соработка меѓу институциите и невладиниот сектор во справувањето со овој растечки проблем.
Од Министерството за здравство информираат дека продолжуваат со мерки за поддршка, меѓу кои и Програмата за обезбедување инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер во крвта. Посебен фокус се става на едукацијата за третман и контрола на дијабетесот, имајќи предвид тесната поврзаност меѓу обезноста и дијабетес тип 2.