Полицијата го пронајде возачот што удри во малолетничка во скопската населба Капиштец и потоа избега.
С.Б. од Скопје бил пронајден вчера, откако пред три дена со возило на улицата „Васил Ѓоргов“ во Скопје удрил во девојче кое се движело пеш.
Таа била однесена во Ургентниот центар на клиниките „Мајка Тереза“ Скопје, од каде до Министерството за внатрешни работи било пријавено дека 11-годишно дете е донесено кај нив со тешки телесни повреди.
„Според пријавеното, околу 13:20 часот на крстосница од ул.„Васил Ѓоргов“ и сервисната улица со ул.„Народен Фронт“ во Скопје, патничко возило удрило во неа и го напуштило местото на настанот. СВР Скопје против С.Б. ќе поднесе кривична пријава за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за неукажување на помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, се вели во соопштението на МВР.