„Денес се простуваме од нашиот долгогодишен член на ансамблот – Кирил Поп Христов (1967 – 2026), театарски, филмски и телевизиски актер. Нашиот Кили. Дипломирал на на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на отсекот за актерска игра, во класата на проф. Љубиша Георгиевски, во 1989 година. Од 1993 до 2014 година, работи во МНТ, а во 2018 г повторно се враќа на истата сцена, оставајќи значаен белег во институцијата како дел од актерскиот ансамбл“, пишува во објавата на Македонскиот народен театар.
Покрај актерската работа, Кирил Поп Христов беше и композитор на филмот „Судијата“ (2002), чиј автор и режисер е Жанета Вангели.
Покрај улогите на театарската сцена, Поп Христов оствари значајна кариера и на филм и телевизија. Се вбројуваат улогите во филмовите „Еј“ (2018), „Скопје Ремиксд“ (2012), „Панкот не е мртов“ (2011), „Самитот на шаманите“ (2006), „Бал-кан-кан“ (2005), „Збогум на дваесетиот век“ (1998), „Преку езерото“ (1997), „Нечиста крв“ (1996), „Македонска сага“ (1993), „Тетовирање“ (1991), како и телевизиските филмови „Марика лета со авион“ (1988) и „Пикасо“ (1987). Учествуваше и во повеќе телевизиски серии, помеѓу кои: „Досие Скопје“ (2000), „Во светот на бајките – Трите светски камења“ (1995), „Македонски приказни – Христос и комарџијата“ (1992), „Трст виа Скопје“ (1990) и „Бумбари“ (1989).
Со својата долгогодишна работа на сцената на Македонскиот народен театар и со бројните улоги во театарот, филмот и телевизијата, Кирил Поп Христов остави значаен белег во македонската култура. Македонскиот народен театар сочувствува со болката на семејството, пријателите и колегите. Вечна му слава!