Сите полициски службеници кои работат на терен ќе носат телесни камери по примерот на американската полиција, откако Министерството за внатрешни работи (МВР) склучило петгодишен договор со американската компанија „Аксон“, добавувач на опрема за владини агенции за спроведување на законот, објави „Слободен печат“.
Како што објавува медиумот, телесните камери ќе бидат доставувани сукцесивно, во наредните пет години, а првите се очекува да станат дел од полициската униформа на средината на 2027 година. Договорот не може да се пронајде на страницата на Бирото за јавни набавки, бидејќи е склучен во четири очи за оваа софистицирана опрема. Американската компанија „Аксон“ веќе има добиено тендер од американскиот Стејт Департмент за набавка на телесни камери во склоп на системот за обезбедување на амбасадата на САД во Скопје.
Според извори на „Слободен печат“ во МВР, ќе работат со бројни функционалности како вештачка интелигенција, и превод на говорот во реално време од над 40 јазици, а снимките ќе пристигнуваат во команден центар (сличен на оној од „Сејф Сити“, но посебен) каде софтверски ќе се прави анализа на податоците.
Првично ваков команден центар ќе биде отворен во Велес. Се очекува камерите како составен дел на полициската униформа да придонесат за поголема безбедност, ефикасност и транспарентност на полицијата, а со нив да бидат заштитени и граѓаните и полициските службеници. Поради тоа што со нивна помош ќе може да се следат регистрираните пријави и настани за кривични дела, дологорочната намера е тие податоци да служат за политика на предвидување.
„На пример, со податоците од камерите ќе може да се предвиди колку разбојништва би биле извршени во иднина во определена општина – согласно податоците од претходната година. Камерите од серијата „Аксон боди 4“ се напредни полициски системи за аудио и видео-снимање, со можност за директно поврзување со командните центри. Уредот располага со камера со сензор од 5 мегапиксели, агол на снимање од 160 степени и батерија дизајнирана да издржи цела полициска смена. Една од најзначајните функции е таканаречениот „pre-event buffering“ што значи дека камерата може да снима видео во привремена меморија и до 120 секунди пред полицаецот да го притисне копчето за официјално започнување на снимањето. Така, ако полицаецот ја активира камерата дури откако ќе започне инцидентот, системот може да ги зачува и претходните моменти, кои во спротивно би останале недокументирани. Камерата поддржува и ГПС локациски податоци“, објавува „Слободен печат“.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски минатиот месец при работната посета на Флорида (САД) се сретна со основачот на „Аксон“ Рик Смит. На средбата се разговарало за планот Македонија да стане регионален демонстрациски центар за технологиите на „Аксон“. „Аксон“ е американска компанија специјализирана за боди-камери, полициски системи за снимање и управување со дигитални докази.