Пратеничката на СДСМ и претседателка на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, побара оставка од гувернерот на Народна банка, Трајко Славески, обвинувајќи го за нарушување на довербата во банкарскиот сектор по случајот со Алта банка во Битола. Славески, пак, на денешната надзорна расправа во Собранието рече дека постапката за одобрување на преземањето на Стопанска банка Битола од српската Алта банка била спроведена согласно законските процедури.
„Треба да си дадете оставка. Тоа е најмалку што може да го направите и тоа веднаш за општо добро“, му порача Лукаревска на гувернерот, оценувајќи дека со неговото постапување е нарушен угледот на Народната банка и е разнишана довербата во банкарскиот систем.
Таа ја доведе во прашање и одлуката со која на Алта банка од Белград ѝ беше одобрено да ја преземе Стопанска банка Битола, посочувајќи дека според неа, одговорноста за тоа е на гувернерот.
„Решението за купување на Стопанска банка АД Битола е ваша одговорност во загрозувањето на работењето на банката спротивно на закон, спротивно на забелешките од австрискиот надзорен орган на финансискиот пазар“, рече Лукаревска.
На расправата таа го отвори и прашањето за наводното приведување и истрагата против Давор Мацура, официјалниот сопственик на Алта банка, кој, според нејзините изјави, е и член на Надзорниот одбор на Алта банка Битола.
„Официјалниот сопственик на Алта банка, Давор Мацура, е приведен во Србија, има истрага, се споменуваат 380 милиони евра, а тој е воедно и член на Надзорниот одбор на Алта банка Битола. Дали проверивте кој е вистинскиот сопственик на Алта банка?“, праша Лукаревска.
Гувернерот не одговори директно на прашањето за Мацура, туку го образложи начинот на кој Народната банка ја спровела постапката за давање согласност за преземањето на Стопанска банка Битола.
Според него, постапката траела три месеци, колку што е максималниот законски рок, а проверките биле спроведени на четири нивоа во Народната банка. При одлучувањето биле разгледани официјални документи од надлежни институции, сопственичката структура на инвеститорот, идентитетот на крајниот сопственик и потеклото на средствата.
„На ниеден начин не упатуваа на пречки за давање согласност“, рече Славески, објаснувајќи дека документите што ги добиле институциите не укажувале на законски пречки за одобрување на трансакцијата.
Во однос на санкцијата изречена од австрискиот регулатор против Алта банка Белград, Славески рече дека станувало збор за прекршочна санкција, а не за забрана за вршење дејност, и дека таа не го спречувала купувањето акции.
Тој посочи и дека Народната банка на Србија, како надзорен орган на банката, дала согласност за преземањето на Стопанска банка Битола. Според Славески, средствата за купувањето потекнувале од редовното работење на Алта банка Белград.
Гувернерот како еден од проблемите ја посочи претходната состојба во Стопанска банка Битола, наведувајќи дека постоеле ризици во корпоративното управување, неизвесност околу поддршката од мнозинскиот сопственик и судски процеси што го отежнувале спроведувањето на супервизорските мерки. По неуспешниот обид домашна банка да ја преземе, според него, било неопходно да се најде стратешки инвеститор.
Славески се осврна и на мерките преземени по воведувањето администрација во Алта банка Битола. Тој рече дека Народната банка реагирала навреме за да ги заштити имотот и штедните влогови на клиентите.
„Во однос на мерката за администрација, НБМ реагираше промптно, НБМ постапи правилно за да го заштити имотот и штедните влогови“, изјави гувернерот.
Тој информираше дека ограничувањата за повлекување пари биле олабавени и дека во моментот клиентите можат да подигнуваат до 15.000 денари неделно. Според него, примателите на социјална помош и пензионерите ги добиле своите средства во целост.
Славески најави и дека од 12 ноември компаниите што имаат сметки во Алта банка Битола ќе можат да исплаќаат плати и придонеси, како и да го плаќаат данокот на додадена вредност кон Управата за јавни приходи.