Говорот на омраза и дезинформациите и натаму се сериозни предизвици во Северна Македонија, особено во онлајн просторот. Правната и институционалната рамка за борба против овие појави останува нецелосна, а недостасува систематско собирање податоци за случаите на говор на омраза. Ова се дел од забелешките на Европската комисија во Извештајот за напредокот за 2026 година, пишува Порталб.мк.
Според извештајот, секторот на онлајн медиуми и натаму се соочува со дезинформации, особено со содржини поврзани со родот и идентитетот, како и со говор на омраза.
Европската комисија оценува дека спроведувањето на постојното законодавство треба да се подобри, а капацитетите на институциите за справување со говорот на омраза и кривичните дела мотивирани од омраза треба да се зајакнат.
„Правната и институционалната рамка за борба против расизмот и кривичните дела мотивирани од омраза е нецелосна. Нејзиното спроведување и почитување треба да се подобри“, се вели во извештајот.
ЕК бара понатамошно усогласување на домашното законодавство со европските стандарди, вклучувајќи го и спроведувањето на препораките на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ECRI) за говорот на омраза и адресирање без одложување на наодите од извештајот од септември 2023 година.
Друг проблем што се нагласува е недостатокот на систематско собирање на податоците од страна на државните институции, а мониторингот и документирањето на случаите продолжува да се врши независно од страна на граѓанските организации.
Според податоците на овие организации, во тек на 2025 година сомнителните случаи на говор на омраза најчесто биле поврзани со етничката припадност, сексуалната ориентација и родовиот идентитет.
„Интернетот и социјалните мрежи се претвориле во главни платформи и извори на говор на омраза“, нагласува Европската комисија.
Во оваа насока, ЕК потсетува дека Северна Македонија сè уште го нема ратификувано Протоколот бр. 2 на Конвенцијата за сајбер-криминал, кој би им овозможил на властите поефикасна идентификација на лицата кои стојат зад профилите и групите на социјалните мрежи.
Извештајот исто така предупредува за ширењето на наративи против родовата еднаквост, кои влијаат врз јавната дебата и дискусиите за државните политики. Жените кои ги бранат човековите права и натаму се мета на говор на омраза и закани, особено на интернет.
Извештајот, меѓу другото, нагласува дека говорот на омраза е особено распространет кон ЛГБТИК+ заедницата.
Инаку, Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2026 година и другите земји кои аспирираат кон ЕУ беше објавен на 4 ноември.