Дванаесет лица загинаа во две верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“ во близина на Јамбол, во југоисточна Бугарија. Во судирите учествувале околу 50 патнички и товарни возила, а автопатот е затворен во двата правци, пренесува јави бугарската новинска агенција БТА
Несреќите се случиле утрово, 10 ноември, во услови на густа магла и значително намалена видливост, повикувајќи се на регионалниот управител на Јамбол, Георги Чалаков.
Првиот судир се случил на 289. километар од автопатот, во правец кон Бургас, а втората верижна несреќа на 294. километар, пред клучката „Зимница“, во правец кон Софија. Во двата инцидента учествувале патнички автомобили и тешки товарни возила.
Според првичните информации, најмалку 27 повредени лица биле пренесени во регионалните болници. Во болницата во Јамбол биле примени повредени со тешки телесни повреди, меѓу кои и лица со скршеници. Медицинските екипи биле мобилизирани за да им укажат помош на настраданите.
Спасувачките екипи се соочиле со сериозни тешкотии при пристапувањето до возилата. Дел од луѓето останале заглавени во автомобилите, поради што било неопходно да се отстранат делови од заштитната ограда покрај патот за да можат пожарникарите, полицијата и медицинските екипи да стигнат до повредените.
На терен биле испратени голем број противпожарни екипи, полициски службеници и амбулантни возила. Поради густата магла, биле ограничени и можностите за воздушен транспорт на најтешко повредените.
Поради несреќите, сообраќајот на автопатот „Тракија“ бил прекинат во двата правци, а бугарските власти ја активирале системата за итно предупредување БГ-АЛЕРТ за да ги информираат возачите за опасноста и потребата од користење алтернативни патишта.
Сообраќајот се пренасочува преку Карнобат, клучката „Петолъчката“, Сливен, патот II-53 и клучката „Крушаре“. Возачите се повикани да ја приспособат брзината на условите на патот и да ги следат упатствата на надлежните служби.
Причините за несреќите и точниот тек на настаните треба да бидат утврдени со истрагата. Спасувачките активности и увидот на местото на несреќите продолжуваат.