Колку храна може да се купи со 140 денари и зошто пратениците, кои имаат значително повисоки примања од студентите, имаат пристап до оброци по повластени цени? Ова се прашањата што ги отвора уметничката акција „Општествени контрасти“, чија цел е да укаже на влошувањето на студентскиот стандард и растечките животни трошоци. Како што информираат во Центарот за современи уметности ЦАЦ, преку две симболично поставени трпези, студентска и пратеничка, оваа акција ги претставува разликите во условите за исхрана и секојдневниот живот на студентите и избраните претставници во Собранието.

„Контрастот меѓу двете маси е едноставен: со 140 денари не може да се обезбеди пристоен и хранливо балансиран студентски оброк. Во меѓувреме, цените на храната и трошоците за живот растат, а студентите што доаѓаат од другите градови покрај сместувањето и храната мораат да ги покриваат и сè повисоките трошоци за превоз. Студентскиот стандард опаѓа, а поддршката не ги следи реалните потреби. Во ситуација кога младите секојдневно се соочуваат со сè поголеми трошоци и сè помалку можности да живеат достоинствено, не треба да се чудиме што многумина својата иднина ја бараат надвор од земјата“, пишува во соопштението од ЦАЦ.
Целта на „Општествени контрасти“ е да ги направи повидливи барањата на студентите за подобар стандард, поголема финансиска поддршка и поквалитетни услови за образование и живот.