На сцената на Македонскиот народен театар на 1 април, во рамките на роденденското одбележување 81 година МНТ, ќе гостува Словенечко народно гледалиште од Марибор со претставата „Амадеус“ од наградуваниот Питер Шафер и во режија на меѓународно признаениот македонски режисер Александар Поповски.


„Амадеус“ се темели на митот за животот и меѓусебното ривалство на композиторите Волфганг Амадеус Моцарт и Антонио Салиери. Шафер црпи инспирација од кратката драма на Александар Пушкин „Моцарт и Салиери“ од 1830 година.
Во претставата играат: Алеш Валич, Жан Копривник, Јулија Клавжар, Давор Херга, Матија Стипанич, Матевж Бибер, Катарина Барбара Крњак, Софиа Тики, Тина Ројко, Ева Млакар Поштрак и Борис Каваца – глас.
Во пресрет на големата роденденска прослава директорот на МНТ, Никола Кимовски, истакна: „Свесно одбравме продукции, кои носат силни режисерски имиња. Носиме актуелни регионални продукции и со тоа сакаме да понудиме различна театарска естетика. Гостувањата не се програмски додаток или шминка, туку суштинска потреба за една национална институција. Ако МНТ сака да остане релевантен, не смее да постои во затворен културен круг. Мора да комуницира, да се компарира со други естетики и други сценски јазици. Затоа, годинава ја степенуваме важноста на рецентни регионални продукции – претстави, кои веќе живеат активен сценски живот и носат јасен авторски став. Гостувањата не се само уметнички настан, туку огледало, во кое МНТ ја проверува сопствената позиција и капацитет да биде дел од поширокиот современ европски театарски контекст“.