12.9 C
Vinica
вторник, ноември 10, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Индустријата на ЕУ би можела да се откаже од обидите да им конкурира на кинеските компании

    Европските производители би можеле да се откажат од обидите да им конкурираат на своите кинески конкуренти до крајот на деценијата, доколку продолжат сегашните трендови – ситуација што предизвикува стравувања од масовно губење на работни места. Ова го предупреди шефот на Трговската комора на Европската унија во Кина.

    Применувајќи ја логиката „ако не можеш да ги победиш, придружи им се“, Јенс Ескелунд изјави дека европските компании што работат во Кина сега размислуваат дека концептот „Произведено во Кина за Кина“ би можел да биде заменет со филозофијата „Произведено во Кина за светот“.

    Ескелунд, кој раководи со ова влијателно тело со седиште во Пекинг, вели дека до крајот на деценијата европските производители би можеле да се најдат пред егзистенцијална раскрсница, прашувајќи се: „Која е поентата на тргувањето?“
    Со оглед на тоа што ЕУ зазема построг став кон Кина – во услови на рекорден трговски дефицит од 1,18 милијарди евра дневно и растечки протекционистички расположенија во Брисел, Берлин и Париз – Ескелунд смета дека европските земји можеби ќе треба да ги променат своите политики. Целта би била да им се овозможи на домашните производители да станат дел од синџирите на снабдување на кинеските фирми, наместо да се третираат како конкуренти.

    Ескелунд, кој е и извршен директор за кинеските операции на транспортната групација „Maersk“, се повика на извештај на „Goldman Sachs“. Според прогнозите во него, кинескиот извоз до крајот на деценијата би можел да го намали бруто-домашниот производ (БДП) на ЕУ за 0,5%, а БДП-то на Германија дури за 0,9%.

    „Се поставува прашањето: ако трговијата со Кина носи негативна вредност, зошто воопшто да се тргува?“ вели данскиот бизнисмен.
    „Ако одеднаш се најдете во ситуација каде што трговијата создава голема вредност за едната страна, но ја уништува вредноста за другата, земјите ќе почнат да се прашуваат: зошто тргуваме?“ – вели тој. Тој укажува на потенцијално катастрофално сценарио во кое производството би исчезнало од европските земји, што би довело до масовно губење на работни места, колапс на даночната база, долготрајна невработеност што би се пренесувала низ генерациите и вртоглаво зголемување на трошоците за социјални давачки.
    За време на својот престој во Брисел, каде што одржа низа состаноци со претставници на Европската комисија за да им пренесе информации од Пекинг, тој истакна дека Европа се наоѓа во пресвртна точка. „Ако создадеме нови зависности, тоа на крајот може да доведе до тоа Европа да ја изгуби способноста сама да ја одредува својата иднина“, при што би дошло до масовно губење на работни места и слабеење на заедниците, додаде Ескелунд.

    Таа егзистенцијална закана веќе почнува да се чувствува во европските сектори за автомобили, хемикалии и обновливи извори на енергија. Германската автомобилска индустрија, на пример, е погодена од двоен удар: намален профит во Кина и евтина конкуренција на домашниот пазар од кинески компании. Минатата недела, БМВ соопшти дека продажбата во Кина опаднала за 22 % во првите девет месеци од годината – што е во согласност со очекувањата за слаба домашна побарувачка – а истовремено издаде и второ предупредување за профитот оваа година.
    Ескелунд не е љубител на терминот „кинески шок 2.0“ – кој се однесува на влијанието врз локалната индустрија во ЕУ, предизвикано од огромниот пораст на увозот на автомобили, хемикалии и компоненти во последните пет години. Тој истакна дека тоа не би требало да биде изненадување, бидејќи плановите на Пекинг за замена на увозот се постојана тема во последните три петгодишни планови, уште откако во 2015 година беше усвоена стратегијата „Произведено во Кина“ (Made in China).

    „Не ми се допаѓа терминот ’кинески шок 2.0‘, бидејќи она што се случува не би требало да биде шок – сè е запишано во нивните петгодишни планови, па затоа тоа можело да се предвиди“, рече Ескелунд.

    „Доказот за овој концепт лежи во фактот што Кина, во последните 30 години, е целосно фокусирана на намалување на сопствените зависности“, додаде тој, укажувајќи на истовременото намалување на увозот.

    Во неодамнешниот извештај на Центарот за европски реформи (CER) се упатува повик до Германија да престане да му се восхитува на Пекинг и да ја промени својата стратегија, особено затоа што најновиот петгодишен план на Кина (од 2026 до 2030 година) дополнително го засилува фокусот на самодоволност.

    „Кина е решена да го замени увозот во оние неколку сектори каде што сè уште зависи од странски набавки“, наведуваат од CER.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.