10.5 C
Vinica
недела, ноември 1, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Филипче побара оставка од Славески и истрага за преземањето на Стопанска банка Битола

    Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го повика гувернерот Трајко Славески да поднесе оставка, а Јавното обвинителство да покрене истрага за околностите под кои било одобрено преземањето на Стопанска банка Битола од страна на Алта банка АД Белград пред околу една година. На денешната прес-конференција тој побара надлежните да објаснат дали случувањата со српската банка создаваат ризици за депозитите на граѓаните и на македонските јавни претпијатија во оваа банка.

    „Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на нашите граѓани. Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на јавните претпријатија“, праша Филипче.

    Тој потсети дека партискиот антикорупциски тим уште во декември минатата година поставувал прашања за влезот на Алта банка во земјата. Филипче ги прозва премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот Славески за проценката на ризиците и побара да се испита нивната евентуална одговорност.

    „Гувернерот јасно и гласно да излезе и да каже дали има простор за грижа на граѓаните“, порача Филипче.

    На прес-конференцијата тој изнесе и обвинувања за сомнително потекло на средствата поврзани со Алта банка, повикувајќи се на медиумски информации и политички контакти во Србија. Во соопштенијата од прес-конференцијата не се приложени документи што ги поткрепуваат тие обвинувања.

    Народната банка на Србија ноќеска објави дека ѝ е одземена дозволата за работа на Алта банка АД Белград. Како причини ги наведе значителното влошување на финансиската состојба, можноста за натамошно нарушување на ликвидноста и загрозувањето на интересите на депонентите. На одлуката ѝ претходеле контролни активности насочени кон подобрување на ликвидноста.

    Во дополнително соопштение денеска, српскиот регулатор наведе дека управувањето со банката е пренесено на Агенцијата за осигурување депозити и дека се поведени соодветни постапки против банката, нејзините акционери, органите на управување и други одговорни лица.

    Македонската Народна банка, во денешната реакција, нагласи дека одлуката се однесува на банката во Србија и сама по себе не значи автоматско одземање на дозволата на АЛТА банка АД Битола. Посочи дека домашната банка е самостојно правно лице и дека ги следи сите околности што можат да влијаат врз нејзиното работење. За одобрувањето квалификувано учество во банка, од НБРМ наведоа дека согласноста се издавала по сеопфатна постапка врз основа на законските критериуми и официјално достапните податоци.

    Од АЛТА банка АД Битола денеска соопштија дека банката е ликвидна, експозитурите и банкоматите работат во вообичаениот режим, а клиентите имаат непречен пристап до средствата. Нагласија дека располагаат со сопствен капитал, средства и обврски и дека случувањата во Србија не значат автоматска промена на нивната финансиска состојба или правен статус.

    Славески и вчера, во одговор за Н1, изјави дека домашниот банкарски систем е стабилен и отпорен и дека преносот на пари меѓу држави сам по себе не укажува нужно на сомнителна активност. Изјавата беше дадена пред објавувањето на одлуката за одземање на дозволата на белградската банка.

    Алта банка АД Белград ја презеде Стопанска банка Битола во октомври 2025 година, а во декември македонската банка беше преименувана во АЛТА банка АД Битола. На денешните случувања им претходеа тврдења на СДСМ за наводни трансфери од над 50 милиони евра од Србија кон Македонија. Во соопштението со кое НБС го образложи одземањето на дозволата тие тврдења не се потврдени, ниту се наведени како причина за одлуката.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.