Средбата на скопјани со подарокот од големиот Пабло Пикасо, една од најпознатите слики кои ги поседува градот, по многу години чекање, заврши еден ден порано. Директорот на Музејот на современа уметност, Авни Ќаили, вели дека „Глава на жена“ од Пабло Пикасо е повлечена поради високите трошоци за обезбедување.
„Заради трошоците моравме да ја тргнеме сликата. Многу плаќавме за обезбедување, полиција а ангажиравме и историчар на уметност кој им објаснуваше на посетителите за сликата. Во јануари планираме да поставиме климатизација и да обезбедиме услови, па делото на Пикасо да биде трајно поставено во музејот“, вели Ќаили за Мета.
Како и речиси секоја љубовна приказна, и оваа заврши со ветување за следна средба во блиската иднина, поточно во јануари следната година. Дотогаш треба да се реши проблемот со обезбедувањето, поточно парите кои биле потребни и условите за изложување на вака скапо дело. Работата станува покомплицирана кога станува збор за ова конкретно дело бидејќи за скопскиот Пикасо, прашањето кој го чува има долга историја.
Подарокот и најлонските конци
„Глава на жена“ е масло на платно од 1963 година, со димензии 73 на 55 сантиметри. Во Скопје пристигнала во 1965 година како донација во рамки на светската солидарност за градот по катастрофалниот земјотрес. Според музејската документација, Пикасо лично го избрал делото, а донацијата била добиена со посредство на Жан Касу, поранешен директор на Националниот музеј за модерна уметност во Париз, преку галеријата „Луис Леирис“.
Во фељтонот на Данило Коцевски во „Нова Македонија“ е пренесено сеќавањето на првиот директор на МСУ, Борис Петковски. Според тоа, Петковски откако ја презел сликата од париската галерија, два дена ја чувал во својата хотелска соба, додека југословенската амбасада не ја презела грижата за неа до транспортот во Скопје. Уште пред да стигне во музејот, подарокот барал некој да остане со него и да го причува.
На 17 ноември 1971 година сликата била украдена од постојаната поставка. Најконкретната реконструкција ја дава извештајот објавен во дневниот весник „Вечер“ на 10 ноември 1972 година. Насловот гласи: „За кражба на Пикасо – 6 години затвор“. Во него осудениот е наведен како Христо Бошковски, тогаш 26-годишен.
Според извештајот од судењето, десетина дена пред кражбата тој му ја соопштил намерата на еден израелски познаник со кого претходно се запознал во Париз. Побарал да му најде купувач. Планот за продажба, значи, постоел уште додека сликата висела во музејот.
Потоа дошол да провери дали делото е поврзано со аларм. Неколкупати го поместувал. Кога се уверил дека таков уред нема, се обидел да ги пресече најлонските конци со кои било прицврстено платното. Првиот обид не успеал.
Се вратил следниот ден. Во просторијата немало никој. Ги пресекол конците и ја фрлил сликата низ прозорецот, а потоа излегол од музејот, ја зел и заминал. Коцевски во својот подоцнежен осврт ја лоцира тревата во која паднало делото на западната страна од зградата, кон Вардар, и наведува дека крадецот при излегувањето минал покрај чуварот.
Купувачите од германската полиција

Бошковски не се осмелил да ја понуди сликата во Скопје. Преку свои познаници од странство нашол заинтересирани купци и била договорена цена од 45.000 германски марки. Размената требало да се изврши во хотел на аеодромот во Франкфурт на 22 март, околу 16.30 часот.
Но, парите не стигнале до крадецот. Луѓето што требало да ја купат сликата биле од германската полиција.
Во извештајот за пресудата, завршницата е кусо раскажана. Многу повеќе останува во речениците за состојбата на платното. При транспортот од Скопје до Германија сликата била завиткана поради што испукале боите. Весникот наведува оштетување од околу 30 отсто и пишува дека делото тогаш се наоѓало во Белград, каде што со средства од осигурувањето требало да бидат отстранети оштетувањата.
МСУ го бележи 21 април 1972 година како датум на враќањето на сликата и наведува дека со реставрацијата ѝ бил вратен првобитниот изглед. Во ноември истата година била изречена шестгодишната затворска казна за Бошковски.
Приказната продолжила и по пресудата. Во колумната „Пикасо од нашиот сокак“, објавена во „Нова Македонија“ во април 2025 година, режисерот Аљоша Симјановски опишува средба со човекот што го познавал како свој скопски сосед кој по одлежаната казна бил познат по прекарот Пикасо.
Симјановски сакал да сними телевизиски филм за кражбата и го прашал дали би имал нешто против бидејќи јавноста и без тоа знаела за кого станува збор. Според неговото сведоштво, соговорникот се согласил и сакал приказната да биде раскажана. Потоа, во продукција на МТВ, бил снимен филмот „Пикасо“.
Сликата, така, добила уште еден живот во градот. Кражбата станала дел од скопските раскажувања со сета привлечност што ја имаат необичните случки од блиското минато.
Двесте до триста луѓе дневно
Октомвриската изложба во МСУ, реализирана во соработка со Амбасадата на Шпанија и со нејзина финансиска помош, повторно ја врати „Глава на жена“ пред скопската публика. Според Ќаили, меѓу 200 и 300 луѓе дневно доаѓале во музејот. Приближно половината биле домашни, а половината странски посетители. Имало и организирани училишни групи од други градови.
Директорот вели дека од декември 2025 година музејот немал толкава посетеност како во овие две недели. Таа бројка кажува нешто за желбата да се види сликата во живо. На прашањето дали долгото отсуство на сликата од изложбените сали е поврзано со стравот од нова кражба, Ќаили посочува на условите за изложување. Според него, делото било безбедно чувано во депото, во соодветни услови. За постојано да биде изложено, потребни се стабилна температура во салите и соодветно обезбедување.
Тој проблем не може да се заобиколи со желбата сликата што почесто да биде пред јавноста. Нејзината историја доволно јасно покажува колку е ранливо платното. Но за музеј што ја поседува повеќе од шеесет години, обезбедувањето услови за нејзино редовно изложување останува обврска. Особено кога интересот на публиката е толкав каков што го опишува самиот директор.
Во музејската документација се наведува дека по враќањето сликата била прикажувана на повеќе изложби, а во 1994 година била вклучена во инсталацијата „Суеверниот човек“ на Недко Солаков. Нејзината историја, значи, има и средби со публиката и долги повлекувања. Прашањето сега е колку ќе трае следното чекање. Според директорот на МСУ, Авни Ќаили, таа ќе биде дел од редовната поставка на музејот уште во јануари следната година.