10.5 C
Vinica
недела, ноември 1, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Две години од трагедијата во Нови Сад: Комеморација за 16-те жртви, судските постапки пред разрешница

    Комеморативниот собир ќе се одржи пред Железничката станица во Нови Сад, со почеток во 11:52 часот, точно во времето кога пред две години се урна настрешницата.

    Како што јавува Н1, студентите организираат и комеморативна прошетка, со собирање на граѓаните од 9:30 часот на три локации. Трите колони ќе тргнат во 10 часот, ќе се спојат кај Футошкиот пазар и заедно ќе продолжат кон Железничката станица.

    „Студентите ве повикуваат во недела, 1 ноември, да присуствувате на комеморативниот собир посветен на жртвите од уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад. Заедно да го зачуваме сеќавањето на загинатите“, се наведува во повикот објавен на социјалните мрежи.

    Во пресрет на годишнината, студентите од Правниот факултет во Белград вчера за последен пат го организираа традиционалниот 16-минутен молк пред факултетот. Со блокирање на сообраќајот и молк во 11:52 часот, тие им оддадоа почит на 16-те жртви, како што тоа го правеа во изминатите две години.

    Иако трагедијата предизвика сериозна политичка криза, пад на владејачката Српска напредна партија (СНС) на чело со Александар Вучиќ на неодамнешните парламентарни избори и победа на Студентската листа, прашањето за кривичната одговорност останува отворено.

    Две години по несреќата, во Србија се водат три одвоени правни постапки поврзани со уривањето на настрешницата, но сè уште нема правосилна пресуда за трагедијата во која загинаа 16 лица меѓу кои и Васко Саздовски од Свети Николе, научник и истражувач кој работел за Институтот „Биосенс“ во Нови Сад.

    Една од постапките се води токму пред судот во Нови Сад. Апелацискиот суд во јули годинава го потврди обвинението против 13 лица, меѓу кои е и поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ. Обвинетите се товарат за различни кривични дела поврзани со несреќата.

    Меѓутоа, Вишиот суд во Нови Сад соопшти дека подготвителното рочиште сè уште не е закажано бидејќи целокупната документација за предметот се наоѓа во Врховниот суд на Србија.

    Втората постапка е покрената во Белград, каде што Вишото јавно обвинителство во март 2025 година поднесе обвинение против три лица за несовесно работење. Но, предметот набргу бил префрлен во Јавното обвинителство за организиран криминал, по што се отворил спор околу надлежноста.

    Апелацискиот суд во Белград досега трипати го укинал обвинението поради нерешеното прашање дали го поднело надлежното обвинителство, што дополнително го одложува почетокот на судењето.

    Третата постапка е истрага што ја води Јавното обвинителство за организиран криминал за сомневања за финансиски злоупотреби при реконструкцијата на Железничката станица. Меѓу осомничените се поранешните министри Горан Весиќ и Томислав Момировиќ, како и уште 12 лица.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.