Во Црквата Успение на Пресвета Богородица во Делчево денеска беше извршено востоличувањето на епископ Марко на чело на новоформираната Делчевско-каменичка епархија.
Епархијата е формирана со одлука на Синодот на Македонската православна црква- Охридска архиепископија е една од 15 епархии во јурисдикција на МПЦ-ОА. Претставувањето на Епископ Марко на света архиерејска литургија во Делчево го изврши неговото високо преосвештенство митрополитот Брегалнички г-н Иларион, а на настанот присуствуваа високи црковни претставници од земјава, Србија и други гости кои со своето присуство го збогатија денешниот црковен чин.
-Преосветен владико господин Марко еве денеска радоста во овој паскален ден не собра да присуствуваме и да те востоличиме на тронот на новата епархија Делчевско-каменичка. Со многу радост, со многу љубов ти ги доверуваме овие градови кои што досега беа во Брегалничката епархија, ти го доверуваме на твојот томофор и овој народ да го чуваш и пазиш како добар пастир на црквата и стадото Христово. Користам прилика од името на поглаварот на нашата православна црква, г-н Стефан, од името на сите архиереи на нашата православна црква да го честитам устоличувањето посакувајќи ви добро здравје долг живот и достојни плодови на нивата господова, рече владиката Иларион.
Епископот на новоформираната Делчевско-каменичка епархија по неговото назначување истакна дека епископот се поставува на служба првенствено за да ги принесува даровите на благодарење и да ја упатува заедницата на патот кон обожувањето.
-Тоа е програмата на секој архиереј на црквата Христова, тоа ќе биде и нашата програма на делување во оваа новоформирана епископија Делчевско-каменичка на која денес биваме поставени за епископ. За успех на мисијата која ни ја доверува црквата се надевамe на Божјата помош која е глава на црквата и кој ја стекна истата со својата крв. Во 127 псалм се вели ако Господ не ја согради куќата залудно ќе се трудат градителите нејзини. Ако Господ не го запази градот залудно ќе бдее стражата. Токму на тоа се надеваме како епископ, како помошник на Бога во ѕидањето и чувањето на црквата. Не дека на Бог му е потребна нашата помош, туку нам ни е потребно да бидеме негови помошници за да се вградиме во вечноста, рече епископот Марко.
Денешниот ден, како што истакна делчевскиот градоначалник Горан Трајковски, е голем ден за Делчево и верниците од православна вероисповед, ден кој носи гордост и за него како градоначалник претставува посебна чест што за време на неговиот мандат Делчево и Македонска Каменица добиваат своја епархија.
-Седиштето на Епархијата со црковната администрација ќе биде во Делчево со што пристапот на граѓаните до црковната администрација ќе биде олеснет. На неговото преосвештенство, владиката Марко, му посакувам долг живот, неговото свето слово да нè носи поблиску до Бога, да нè води со чиста мисла и со молитва и со духовна храна да се издигнуваме над тешкотиите. Историјата покажала дека верата е она што нè идентификува и нè движи напред и е спасение за секој човек. Нека е среќен и вековит овој ден, рече Трајковски.
Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски на новиот епископ му посака долгогодишна служба очекувајќи добра соработка помеѓу општината и новоформираната епархија.
-Чест и задоволство е да се биде денес овде присутен во овој храм во Делчево. Можеме да бидеме среќни бидејќи двете општини стануваат епархија, да му честитаме на епископот Марко и да посакаме да не води во прав правец, да не собира околу божјите храмови, да даваме се од себе да помагаме на црквата да имаме добра соработка како што имавме досега со митрополитот Иларион, сега истото се надеваме со епископот Марко, му посакувам долги години служење во нашата епархија, рече Атанасовски.
Верниците од двата града и пошироко се радосни што конечно овој регион добива своја епархија.
-Горда сум што Делчево го дочека овој миг, доби свој владика кој денес се востоличи. Септември е значаен месец за Делчево, 7 Септември Ден на ослободувањето, 8 Септември Ден на независноста и 17 Септември Ден на востоличувањето на Епископ Марко на чело на Делчевско-каменичката епархија. Да бидеме верни кон Бога и благодарни кон сето тоа што ни го подари. Само со љубовта ќе опстоиме затоа што господ Бог е љубов, кој го љуби Бог се љуби самиот себе, рече делчевката Зорка Димитровска.
Со чинот на востоличување на нови епископи и во други епархии верниците очекуваат целиот народ да се приклучи кон целата православна екумена.
-Дојдов овде со голема радост да присуствувам на оваа литургија како што бев и во Крушево каде се устоличуваше митрополитот Крушевски, а денес присуствувам и на востоличувањето на епископ Марко на чело на Делчевско-каменичката епархија. Очекувам дека квасецот што ПОА го стави во Македонија како канонска црква дека ќе овозможи навистина целата црква и сиот верен народ да се приклучи кон целата православна екумена, рече посетителка од Скопје.
Одлуката Делчевско-каменичката епархија да биде формирана како посебна епархија е донесена на 20 јуни 2023 година како една од 15 епархии во јурисдикција на МПЦ-ОА. Седиште на новоформираната епархија е во Делчево со јурисдикција на градовите Делчево и Македонска Каменица заедно со селата во овие општини.