Во Венеција денoвиве заминува уметникот Велимир Жерновски и тимот од Музејот на современата уметност – Скопје што го организираат македонското претставување на престижното 61. Биенале за уметност. Тие веднаш ќе почнат со поставување на монументалната инсталација „Дали моите очи ќе бидат затворени или отворени?“, која е дел од проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“, на кураторите Тихомир Топузовски од МСУ и Аманда Буткез од Канада.
Македонскиот павилјон се наоѓа на локацијата „Спацио Кастело 77“ на влезот во престижното Арсенале. Комесар на нашиот проект е Авни Ќаили, директор на МСУ. Венециското биенале е најстарата ликовна манифестација во светот и ќе трае повеќе од шест месеци – од 9 мај до 22 ноември 2026 година. Во петокот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими Жерновски и Топузовски и разменија мислења за концептот и подготовките на македонскиот павилјон и за уметничкото решение со кое Македонија ќе се претстави пред меѓународната публика, на настанот што со децении ја возбудува светската културна сцена и јавност.
Според Велимир Жерновски, Венециското биенале е исклучително голем настан, еден од најголемите посветени на уметноста, воопшто. „Чест е, но и голема обврска, бидејќи не станува збор само за лично претставување, туку за претставување на државата“, вели Жерновски.
„Се согласивме околу насушната потреба од континуирана институционална поддршка на уметноста и културата, како и за важноста на македонското учество на Биеналето во Венеција, како исклучителна можност за достојно претставување и афирмација на нашиот творечки потенцијал“, вели Сиљановска-Давкова.
Тој во своето монументално дело ја обвиткува препознатливата Пиета со златни ургентни прекривки, изработени од метализиран пластичен филм (мајлар-повеќеслојна тенка рефлектирачка фолија, обложен со алуминиум), материјал првенствено произведен за вселенски мисии. Тие се водоотпорни, рефлективни и ја задржуваат телесната топлина. Но, во овој случај, служи за авторот повторно да ја облече Пиетата за да создаде нови значења.
„Делото поставува прашања поттикнати од размислувања од онтолошка призма. Што е она што нè тера да продолжиме, да станеме, да застанеме? Сите размисли околу овие прашања завршуваат со феноменот на љубовта. Каде ја наоѓаме таа силна нишка која нè води да опстанеме. Посебно во овие злокобни времиња, кога повторно светот најавува пламена иднина. Не во човековите достигнувања, веќе во насока кон тотална деструкција“, вели Жерновски.