На 11 март, на денот кога се одбележуваат 90 години од раѓањето на големата македонска писателка Оливера Николова, издавачката куќа „Арс Ламина“ го прогласи победникот на наградата за најдобар необјавен роман за деца и млади „Оливера Николова“ за 2026 година.
На прес-конференцијата, беше соопштено дека ракописот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ на Ванчо Полазаревски е втор победник на конкурсот за наградата „Оливера Николова“. Победникот е избран со едногласна одлука на жири-комисијата составена од Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Ермис Лафазановски (првиот добитник на наградата во 2025 година) и Јованка Денкова (професорка по книжевност за деца на Филолошкиот факултет на УГД во Штип).
Полазаревски, искусен и докажан автор за деца во домашната книжевност со своите песни, гатанки, брзозборки, сликовници, раскази и пиеси, првпат се остварува во романескен жанр. Неговиот прв роман покажува нагласен интерес кон култот на засведочување на раскажаното со алузии на актуелни состојби (несобирањето на сметот во главниот град зимава) и проверливи реалии (преполни контејнери насекаде). Интересот за засведочување и проверливост е дополнително збогатен со зборовни игри, метатези, спунеризми и малапропизми: гратчето Капи и Штици еуфониски потсетува на населбата Капиштец во Скопје, а најголемата депонија за ѓубре Магдоносонија – на Македонија… Изместувањето на реалната оптика на урбаното момче Оли со зачудни елементи, фантастични ликови и невозможни планети, светови и случки, ни го потврдува Полазаревски таков каков што го знаеме, но и ни открива една нова димензија на неговото препознатливо книжевно писмо.
Годинашниот добитник на наградата ’Оливера Николова‘ – ’Чудна случка во гратчето Капи и Штици‘ од Ванчо Полазаревски ја актуелизира важноста на екологијата и сфаќањето на околината и природата како наш единствен, вистински и заеднички дом. Тоа го прави на еден даровит, невообичаен, редок, мошне забавен, читлив и ведар начин, каде што веселоста ù претходи на сериозната порака, без да ја спречува таа да втаса до читателите веднаш откако ќе стивне смеата и ќе се затвори последната страница на романот. “
Во одлуката на жирито се вели:
„Романот ’Чудна случка во гратчето Капи и Штици‘ е кус, атрактивен, забавен, смешен, духовит и суптилно ангажиран еколошки ракопис. Екологијата е широкото раскажувачко платно на кое се слика со вешти зборовни игри, вратоломни досетки и несекојдневни наративни постапки. Иако е напишан сезнајно, во трето лице, романот на Полазаревски на особено забавен начин внесува дополнителен, непознат глас кој може да биде и лик, но и резервен наратор (ненаклонет кон сезнајниот раскажувач!), сето време директно обраќајќи им се на децата-читатели и вклучувајќи ги во дејството. Непознатиот глас со сомнежот во сè и со постојаната расположеност за кавга ја одржува динамиката, но и високата температура на текстот. Тој е лик/наратор – вистинско освежување во романот, па и во жанрот, кој за себе вели: Јас сум гласот на реалното, оној што на сите кои ќе зајдат во измислување приказни им вели да се приберат, да тераат со усул, полека, да не запнуваат, зашто секоја приказна не е петарпанија или црвенкапија. Суштества со сто очи, со милион рогови… тикви со расол, бурек со топуски… ајде, ти се молам! Всушност, овој лик/наратор вели дека е сè што творештвото на самиот Ванчо Полазаревски не е.

Победникот Ванчо Полазаревски изјави:
„Пред некое време ѝ реков на мојата докторка: има еден награден конкурс, ќе пишувам романче. Зошто да не, вели таа, седни пишувај, тоа не е лошо, ама награди? Чуму ти се, тие се за млади, за тебе се награди за некои јубилеи, за животно дело,.. евентуално Златен венец… хм, Нобелова награда. Не ја послушав мојата докторка, можеби затоа што таа е и моја сопруга, по име Мирјана и згора на тоа е психијатар… за деца. А јас пишувам за деца. И така седнав да го пишувам романчето, сериозно, темелно, ко да е: да се биде или не. Така ми дојде. Го напишав, го испратив сè како што треба и… ко за беља… ја добив наградата. Е сега, што е за право, тоа не беше беља туку многу радост, среќа, гордост… Накусо, ù се израдував како дете. Па и не е мала работа да добиеш награда што го носи името на нашата голема уметница, писателката Оливера Николова. Е тука сакам да му заблагодарам на жирито што во мојата книга најде материјал за награда, награда која ми е многу драга. А јас сум сигурен дека идната година на овој конкурс ќе се јават уште повеќе пишувачи на нови романи за деца, со уште повисок квалитет, затоа што идејата на „Арс Ламина“ да му даде силен поттик на ова творештво за деца е навистина чекор за поздравување.“