Бројот на заболени од грип и заболувања слични на грип во Македонија за само една недела се зголемил за 90,2 отсто. Иако вакцинацијата започна на 21 октомври, некои од граѓаните кои се пријавиле за вакцина, сè уште чекаат термин. Од Министерството за здравство велат дека не станува збор за доцнење, туку за приоритетно вакцинирање на најзагрозените категории население додека се очекува пристигнување на дополнителни количини вакцини.
Во периодот од 26 октомври до 1 ноември годинава во Македонија се регистрирани 116 случаи на грип и заболувања слични на грип, наспроти 61 случај во претходната недела, покажуваат податоците од неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
„Во споредба со истиот период минатата година, кога биле регистрирани 94 заболени лица, бројот на случаи е зголемен за 23,4 отсто. Во однос на просекот од последните 16 сезони, зголемувањето е 64,1 отсто.
Најмногу новозаболени се пријавени во Тетово, Куманово 26 и Скопје 13 случаи. Според возрасната структура, најголем дел од заболените, односно 84 лица, се на возраст од 15 до 64 години. Регистрирани се и 25 заболени постари од 65 години и седум деца на возраст од пет до 14 години.
И покрај значителниот неделен пораст, од ИЈЗ посочуваат дека сè уште не е достигнат епидемиолошкиот праг за почеток на сезонската активност на грипот. Пријавената инциденца изнесува 6,3 случаи на 100.000 жители, што е под утврдената неделна граница од 7,32 случаи на 100.000 жители.
Мета неодамна пишуваше дека иако сезоната на грип е во ек, граѓаните немаа немаа можност да се пријават за бесплатна вакцинација против сезонски грип преку системот vakcinacija.mk.
За Мета во Министерството за здравство информираат дека досега во земјава пристигнале 30.000 вакцини, а периодов се очекуваат уште две пратки, од 26.000 и 30.000 дози. Оттаму објаснуваат дека во моментов приоритет при закажувањето термини имаат лицата над 65 години и хронично болните од највозрасната категорија.
„Реално нема каснење, има само приоритизација на најзагрозените“, рекоа кусо оттаму.
Меѓу пријавените за вакцинација има околу 45.000 лица постари од 65 години и хронично болни граѓани, поради што достапните вакцини најпрво се насочуваат кон овие категории.
Граѓаните кои сакаат да купат вакцина, немаат можност да го направат тоа бидејќи, како што објаснуваат во министерството на тендерот на Центарот за јавно здравје за набавка на комерцијални вакцини, не се пријавил ниту еден понудувач.
Во ИЈЗ потсетуваат дека вакцинацијата е најефикасната мерка за заштита од сезонски грип, посебно за лицата постари од 65 години, децата од шест месеци до пет години, хронично болните, бремените жени и здравствените работници. Препораките се редовно миење на рацете, проветрување на просториите, избегнување близок контакт со заболени лица и одржување здрави животни навики.