Деветтиот Париски мировен форум почна денеска, 10 ноември, во палатата Шајо во Париз, на местото каде што во 1948 година беше усвоена Универзалната декларација за човекови права. За дводневниот собир, најавен под наслов „Здружување на силите за она што е најважно“, организаторите предвидоа 80 сесии со повеќе од 350 говорници. На програмата се дискусии за посредување во конфликти, заштита на човековите права, вештачка интелигенција и климатски промени.
Еден од главните настани е Самитот за децата, на кој денеска ќе биде претставена декларацијата „Децата на прво место“. Декларацијата е потпишана од повеќе од 50 земји потписнички, меѓу кои е и Северна Македонија. Потписниците се обврзуваат да ги засилат напорите за подобро здравје, исхрана, образование и заштита на децата, како и за нивната психосоцијална добросостојба во дигиталната ера, со цел да постигнат мерливи резултати до 2045 година.
Меѓу говорниците се францускиот претседател Емануел Макрон, претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард, генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус и извршната директорка на УНИЦЕФ Кетрин Расел.
Од регионот како говорници во разни сесии на првиот ден учествуваа претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска-Давкова, бугарската претседателка Илијана Јотова и премиерите на Албанија и Косово, Еди Рама и Албин Курти. Сиљановска-Давкова зема учество на панел-дискусијата „Одбрана на линијата: Суверенитет во ера на хибридни закани“.

Во „Просторот за решенија“, изложбениот дел на Парискиот мировен форум, годинава се претставуваат 40 новоизбрани проекти од целиот свет. Тие нудат практични решенија за прашања како што се заштитата на животната средина, здравјето и исхраната на децата, пристапот до веродостојни информации и обезбедувањето основни услуги во подрачја погодени од конфликти. Изложбата им овозможува на тимовите да ги претстават своите решенија и да се сретнат со експерти, потенцијални партнери и финансиери.
Од новоизбраните проекти, десет ќе влезат во следниот циклус на програмата Scale-up (SCUP). Програмата, започната во 2018 година, обезбедува едногодишна менторска поддршка приспособена на потребите на секој тим. Таа може да вклучи помош за организациски развој, воспоставување партнерства или пристап до извори на финансирање. Целта е проектите да можат да го прошират својот опфат или да го применат своето решение во други средини.

На годинашниот Форум повторно учествува Фондацијата „Метаморфозис“ од Северна Македонија, како дел од генерацијата 2025–2026 на програмата SCUP. На својот штанд фондацијата го претставува надградена верзија на системот „Дезинфо радар“, регионална иницијатива за рано предупредување за дезинформации во Западен Балкан, како еден од десетте проекти избрани за тој циклус.
На 11 ноември, вториот ден од Форумот, Филип Стојановски, директор за партнерства и развој на ресурси во Фондацијата „Метаморфозис“, ќе говори на панелот „Можат ли напорите за заштита на интегритетот на информациите да држат чекор со дезинформациите?“. Панелот е дел од програмата за вториот ден.
Дел од сесиите ќе се пренесуваат во живо преку официјалните канали на Парискиот мировен форум на YouTube и LinkedIn.