12.9 C
Vinica
вторник, ноември 10, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Бени Шаќири од МКЦ оди во кабинетот на Орце Ѓорѓиевски како советник за култура, Димче Арсовски е нов директор на МКЦ

    Поранешниот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски е нов директор на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. Досегашниот директор Арбен Бени Шаќири вели дека поднел оставка на оваа фукција од лични причини, но заминува во кабинетотот на градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на позиција советник за култура.

    „Ја користам оваа прилика да ве известам дека повеќе нема да ја вршам функцијата директор на Младински културен центар (МКЦ) Скопје со што поднесов неотповиклива оставка до градоначалникот на град Скопје Орце Ѓорѓиевски од лични причини. Сепак, на предлог на градоначалникот Ѓорѓиевски останувам како дел од неговиот кабинет на позиција советник за култура, со што ќе се обидам од еден друг аспект да придонесам за унапредување и развој на културата во градот Скопје. За нов директор на МКЦ доаѓа Димче Арсовски на кого му посакувам да биде успешен и трпелив и верувам дека, како млад човек, ќе даде максимум од себе, за да се справи со сите тешкотии со кои културата воопшто се соочува изминативе години“, напиша Шаќири на Фејсбук.

    Промената на директорската функција во Младинскиот културен центар (МКЦ) повторно го отвора прашањето за управувањето со една од најзначајните институции за младинската и независната културна сцена во Скопје.

    Сепак, кадровските промени во МКЦ не се изолиран случај, туку дел од подолга низа случувања што во изминатите години ја ставија институцијата во центарот на јавните реакции.

    Уште во 2023 година, смената на тогашниот директор Ванчо Богоев и назначувањето на Никола Алексов предизвикаа незадоволство кај дел од културната јавност. Следуваа реакции, петиции и протести под мотото „Културата е скапа, некултурата поскапа“, а иницијативата „Сите за МКЦ“ се спротивстави на одлуките што, според нејзините поддржувачи, ја загрозуваа независноста на Центарот.

    Во јануари 2024 година, на директорската позиција дојде музичарот Бени Шаќири, кој претходно беше кандидат за градоначалник на Скопје на локалните избори во 2021 година. Неговото назначување, исто така, беше проследено со контроверзии, вклучително и обвинувања за притисоци во процесот што му претходеше.

    Во периодот потоа, МКЦ продолжи да се соочува со проблеми што ја надминуваат промената на директорите. Неисплатени обврски кон компании и организатори на настани, долгови за комунални услуги и доцнења со исплатите на хонорарците се дел од состојбите за кои известуваа медиумите.

    Промените се одразија и врз програмата и културниот живот на институцијата. Затворањето на продавницата за плочи и сувенири „Ап(о)тека“, прекинот на работата на одредени содржини и повлекувањето на фестивали од МКЦ беа меѓу настаните што поттикнаа загриженост за насоката во која се движи Центарот.

    Сега, со доаѓањето на Арсовски, останува отворено прашањето дали новото раководство ќе успее да ги надмине наталожените финансиски и организациски проблеми и да ја врати довербата на културната јавност. Особено внимание ќе биде потребно за обновување на програмата и односите со независната сцена, која со години го смета МКЦ за важен простор за творештво и културна размена.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.