Од 15 октомври официјално започнува грејната сезона 2026/2027 година за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, со кој управува АД ЕСМ, соопштуваат оттаму.
Согласно регулативата, грејната сезона може да започне и пред 15 октомври, односно во периодот од 1 до 15 октомври, доколку прогнозата за средната надворешна температура за наредниот ден изнесува 12°C или пониско, врз основа на податоците од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
„До 15 октомври, на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавуваат информации дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија, во согласност со одлуките на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и прогнозите за средната дневна температура од УХМР. Со цел грејната сезона да започне и да се одвива непречено, ги потсетуваме и ги повикуваме сите корисници навремено да ги завршат потребните поправки на своите внатрешни грејни инсталации, бидејќи редовното одржување е нивна обврска. Завршените интервенции треба веднаш да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи, со што ќе се овозможи непречено снабдување со топлина“, наведено е во соопштението оф АД ЕСМ.
Оттаму додаваат дека за функционирање на системот, потребно е да се обезбеди пристап на службените лица до топлинските потстаници, како и редовно електрично напојување на топлинските потстаници.
„Апелираме до заедницитe на сопственици навремено да ги подмират сметките за електрична енергија за топлинските потстаници и да проверат дали електричните инсталации се функционални. Навременото одржување на внатрешните инсталации, обезбедувањето непречен пристап до топлинските потстаници и редовното електрично напојување се од заеднички интерес и придонесуваат за сигурна и непречена испорака на топлинска енергија“, пишува во соопштението.