САД ги вратиле своите бомбардери со долг дострел во матичните бази во Америка по појавата на нова, неодредена закана. Ова се случило неколку дена откако британската влада уапсила повеќе лица поврзани со наводен ирански заговор за напад врз британската воздухопловна база каде што биле стационирани авионите.
„Сега можеме да потврдиме дека сите американски бомбардери што беа распоредени во базата на Кралските воздухопловни сили (РАФ) во Ферфорд се вратени во нивните матични бази во САД“, изјави функционер од американската администрација за Си-Ен-Ен. Во изјавата не беа наведени детали за причините за преместувањето на авионите.
Изворот ја опиша најновата закана како реален инцидент. Функционерот истакна дека е невообичаено американската војска да ги враќа бомбардерите во матичните бази наместо да ги премести во друга база во регионот.
Британското Министерство за одбрана одби да го коментира случајот.
Базата на Кралските воздухопловни сили во Ферфорд се користела за распоредување на американските бомбардери Б-1 вклучени во воените операции поврзани со Иран и претставува оперативна локација за Американската команда за глобален удар која е задолжена за управување со напади на долги растојанија.
Алекс Плицас, аналитичар за национална безбедност на Си-Ен-Ен, изјави дека веројатно во Ферфорд биле стационирани неколку десетици бомбардери, додавајќи дека преместувањето на сите авиони е невообичаен потег.
„Тоа укажува на веродостојноста и сериозноста на заканата за базата за која зборуваме“, изјави тој.
Преместувањето на бомбардерите се случува во време кога трае истрагата за наводниот заговор. На 27 септември, британската полиција уапсила петмина мажи во близина на воздухопловната база под сомнение за кривични дела поврзани со тероризам и експлозиви.
Мажите, идентификувани само како британски државјани на возраст меѓу 23 и 25 години, од областа на Лондон, набрзо биле пуштени на слобода со кауција, откако полицијата потврдила дека во трите комбиња на лице место не бил пронајден експлозив. Нивното ослободување предизвика критики од претседателот Доналд Трамп, кој изјави: „Јас не би го направил тоа“.
Во четвртокот, во врска со наводниот заговор, бил уапсен и 25-годишник со двојно британско-иранско државјанство.
Британскиот политичар Енди Бурнам минатата недела изјави дека постојат силни индиции оти Иран бил вмешан во инцидентот.
„Ќе кажеме повеќе во соодветно време, но можеме да го потврдиме нашето уверување дека Иран одиграл улога“, изјави тој за Би-би-си на 30 септември.