Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул денеска во Будва, на состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес, порача дека иднината на Западниот Балкан е во Европската Унија, пренесе ДПА.
Според Вадефул, Берлинскиот процес е сведоштво дека се оди кон тоа земјите од Западниот Балкан да можат да станат членки на Европската Унија.
„Ова е, најверојатно, најголемиот Берлински процес во историјата. Берлинскиот процес е сведоштво за тоа каде сакаме да одиме, кон иднина во која земјите од Западниот Балкан можат да станат членки на Европската Унија – рече Вадефул.
Германскиот министер се залага за побрзо проширување на Унијата кон земјите од Западен Балкан поради предизвиците што ги претставуваат амбициите на Русија и Кина во тој регион.
„Проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е клучен тест за Европа. Тоа ќе биде одлучувачко за тоа какво влијание ќе има ЕУ во наредните децении“, изјави Вадефул пред новинарите во Берлин пред да замине за Подгорица, на конференцијата за Западен Балкан, што се одржува денес во Будва.
Вадефул нагласи дека проширувањето на ЕУ е клучно и за безбедноста на Европа и нејзината иднина. Според него, само ако ЕУ им обезбеди на земјите од Западен Балкан кредибилна перспектива за членство и поцврсто ги врзе за себе, ќе си обезбеди вистински геополитички простор за маневрирање.
Пораката, според Вадефул е јасна – доколку постои волја и способност да се исполнат критериумите за пристапување кон Европската Унија, успехот може да се постигне во следните неколку години.
„Берлинскиот процес делува како катализатор на вашиот пат кон европските интеграции. За регионот да се приближи кон Европската Унија, самиот мора да ги покрене тие промени и вистински да преземе одговорност за нив, надминувајќи ги политичките и другите пречки – порача Вадефул.
Тој исто така рече дека 20 години по стекнувањето на независноста, Црна Гора „чука на вратата на Европската Унија“.
„Верувајте ми, тој звук се слуша и во Брисел и во сите европски престолнини. Пред само неколку недели, на почетокот на јуни, лидерите на ЕУ и Западниот Балкан се сретнаа во Тиват на самитот ЕУ – Западен Балкан. Германскиот канцелар и францускиот претседател ја истакнаа нашата посветеност за создавање нов замав за процесот на проширување. Тоа е воедно и насловот на заедничкиот германско-француски неофицијален документ (нон пејпер) кој изнесува како сакаме да внесеме нова динамика во процесот на проширување преку обезбедување дополнителни поттикнувања, во рамките на процесот на постепена интеграција базирана на заслуги – рече тој.
Вадефул изјави дека денеска на самитот ќе разговараат за тесно поврзани теми, како што се економското приближување и регионалната интеграција, начините за создавање можности преку намалување на пречките меѓу земјите од Западниот Балкан и ЕУ, како и за тоа колку добрососедските односи и соочувањето со минатото se неопходни за поттикнување на помирувањето.