Од Меѓународниот монетарен фонд предупредуваат дека растот на цените на енергенсите, поттикнат од конфликтот на Блискиот Исток, може повторно да создаде инфлациски притисоци и да го забави економскиот раст во Северна Македонија. Ова е наведено во завршната изјава на Мисијата на Фондот по редовните консултации со земјава.
Според проценките, економијата во 2026 година би можела да порасне за околу 3,1 отсто, но истовремено, растот на светските цени на нафтата повторно се очекува да ја поттике инфлацијата, која би достигнала околу 4,5 проценти.
Поради поскапувањето на енергенсите, властите веќе презедоа неколку привремени мерки, меѓу кои намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти и користење резерви на тешко гориво со цел да се намалат трошоците за производство на електрична енергија.
Зголемениот увоз на енергија се очекува да го прошири и дефицитот на тековната сметка на околу 5 отсто од БДП во 2026 година, пред постепено да се намали со стабилизирањето на глобалните пазари.
Од Фондот предупредуваат дека ризиците за економијата остануваат значајни. Продолжувањето на конфликтот на Блискиот Исток, високите цени на енергенсите и послабата економска активност во Европската Унија би можеле дополнително да го успорат растот и да ја зголемат инфлацијата на долг период. Од Фондот коментираат и дека дополнителен ризик претставуваат непланирани зголемувања на плати и пензии, како и можни пречекорувања на трошоците кај големите инфраструктурни проекти.
Мисијата на ММФ смета дека е позитивна намерата на властите фискалниот дефицит во 2026 година да се намали на 3,5 отсто од БДП, што би помогнало во создавање финансиски резерви за идни шокови. Сепак, се предупредува дека без конкретни реформи во даночната политика и подобра наплата, приходите можеби нема да се зголемат како што е планирано, па дефицитот би можел да достигне и 4,2 отсто од БДП.
Како приоритети се посочуваат подобра контрола на јавните трошоци, особено за плати и пензии, како и реформи во даночниот систем и намалување на даночното затајување. Фондот препорачува и постепено укинување на намалениот ДДВ за горивата, додека поддршката за најранливите домаќинства би требало да се обезбедува преку постојните програми за социјална помош.
Во извештајот се нагласува дека зајакнувањето на фискалната транспарентност е клучно, особено кога станува збор за јавните инвестиции и субвенциите во енергетскиот сектор. Дополнително, се препорачуваат реформи за подобро управување со јавните претпријатија и поефикасно функционирање на институциите.
ММФ оценува дека банкарскиот систем во земјата останува стабилен, со солидна капитализација и ликвидност, но предупредува на зголемената експанзија на кредитите поврзани со недвижности, што бара внимателно следење.
Во однос на долгорочниот економски развој, Фондот посочува дека структурните измени, особено кај владеењето на правото, пазарот на труд и енергетскиот сектор, се клучни за зголемување на продуктивноста, подобрување на деловната клима и побрзо приближување на економијата кон стандардите на Европската Унија.