11.8 C
Vinica
вторник, март 10, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    ХЕРА: Неплодноста треба да се превенира, а не да се лекува

    Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА најави дека во соработка со Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари МАГО ќе работат на подготовка на Национален водич за зачувување на фертилитетот кај жените и мажите. Целта е да се помести фокусот од лекување кон превенција, како и да им се овозможи на луѓето да имаат деца во периодот кога ќе посакаат.

    Од ХЕРА посочуваат дека ваков тип на документ ќе се изработува за првпат во нашата земја, а на него ќе работи мултидисциплинарна експертска група меѓу кои и специјалисти гинеколози-акушери, психијатар, матичен гинеколог, специјалист по семејна медицина, уролог, нутриционист и претставници од Министерството за здравство.

    „Во Македонија се раѓаат сѐ помалку деца, а сѐ повеќе луѓе се соочуваат со проблеми со инфертилитет. Со стапка на фертилитет од околу 1,5 деца по жена, значително под нивото од 2,1 потребно за природна обнова на населението, земјата веќе влегува во сериозни демографски предизвици. Досега, фертилитетот во земјата најчесто се третираше дури кога можностите веќе се намалени, односно кога луѓето се соочуваат со неплодност и бараат третман“, посочуваат од ХЕРА.

    Мултидисциплинарниот пристап, информираат од организацијата, овозможува ризичните фактори за фертилитет да се разгледуваат од повеќе аспекти и да се изготват насоки за здравствените работници, за соработниците и општата популација. Со нив ќе се овозможи здравствена едукација на лекарите и граѓаните за факторите што можат да влијаат врз нивното репродуктивно здравје, примена на позитивните влијанија и заштита од негативните влијанија, како да се сочува фертилитетот низ целиот животен век кај девојчиња, момчиња, жени и мажи.
    „Целта е едноставна, но суштинска фертилитетот да се третира како вредност што се штити навреме, а не како проблем што се решава предоцна. Фертилитетот не треба да биде тема само кога веќе има проблем. Тоа е здравствен ресурс што треба да се заштити навреме – од младоста, преку превенција, информираност и рано препознавање на ризиците. Со оваа иницијатива, ХЕРА и МАГО отвораат нов пристап во јавното здравје во нашата земја, што подразбира системска, превентивна и долгорочна грижа за фертилитетот, тема која со години е присутна во јавноста, но ретко добива конкретни политики за превенција“, посочуваат од ХЕРА.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica