Државниот завод за ревизија открил дека во Министерството за односи меѓу заедниците биле исплатувани плати на вработени без да се знае дали воопшто доаѓале на работа, вработените точеле гориво во свои возила, а недостасуваат и 30 лаптопи.
Ревизорите утврдија дека во 2024 година недостасувале 28 отсто од вкупните основни средства со вредност од над 25.000 евра, кои не се пронајдени при вршењето на годишниот попис. За седум моторни возила не е воспоставена сметководствена и материјална евиденција, додека пак за побарувањата од вработените во износ 34.000 евра кои потекнуваат од минати години, Министерството не располага со документација за неподмирениот износ, односно кое лице должи и во кој износ.
Ревизијата утврдила дека во министерството има слабости во речиси секој сегмент од работењето, особено во финансиското управување, исплата на платите, јавните набавки, пописот на средствата, реализација на Програмата за финансирање на активностите на здруженијата и фондациите за 2023 година, набавката на гориво, сервисирањето на возила. ДЗР дал и неповолно мислење во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики.
Министерството за плати и надоместоци за 244 вработени исплатило над 2,6 милиони евра, но за 150 вработени по Потпрограмата за соодветна и правична застапеност на заедниците и како преведувачи, или за 61% од вработените, исплатата на плата се правела без да се обезбеди доказ за присутност на работа и за полно работно време, и покрај тоа што имало електронска евиденција на работното време за вработените.
Институцијата државни пари доделила и на 33 здруженија и фондации исплатени во висина од 320.900 евра, но ревизијата утврдила дека 17, треба да вратат средства во Буџетот на државата во висина од 19.850 евра, бидејќи не доставиле докази за трошење на средствата.
Раевизорите урврдиле и дека 516.000 денари биле исплатени за гориво без да се врши контрола на
регистарските таблици и видот на набавеното гориво, со што вработените си овозможиле да набавуваат гориво и за возила кои не се во сопственост на Министерството.