Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.