Со голема донација од книги за Македонците во Албанија, издавачката куќа „Матица македонска“ денеска ќе ја заокружи иницијативата „Подари книга, подари свет“ по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги и во рамките на чествувањето на 35-годишнината од нејзиното основање.
-Клучни книги за македонската историја, студии за македонскиот јазик, избрани дела од дел од најзначајните македонски поети и прозаисти, дела од и за македонската книжевна историја, монографски изданија за македонската култура и антологии се само дел од донацијата на „Матица македонска“ за Македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Друштвото е формирано во 2009 година со цел да се заштити македонското национално малцинство во Република Албанија и е првото друштво на Македонци надвор од матичната држава што е рамноправен член со право на глас во Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Донацијата од „Матица македонска“ е најголемиот и највреден дар од книги на македонски јазик што досега е даден за Македонците во Албанија, соопшти „Матица“.
Во соопштението е наведено дека донацијата од „Матица македонска“ содржи изданија што ќе можат да ги опфатат сите предели каде што живее македонското национално малцинство во Албанија и каде што Македонкото друштво „Илинден“ има активности, вклучително и преку органокот во Голо Брдо.
-Оваа значајна иницијатива претставува силна поддршка и дополнителен поттик за зачувување, негување и афирмација на македонскиот јазик, култура и идентитет меѓу Македонците во Република Албанија. Со вакви дела на солидарност и соработка се зацврстуваат културните врски и се создаваат нови можности за понатамошна поддршка и заеднички активности. Гестот и заложбата на првата издавачка куќа во самостојна Македонија, Македонците од Албанија, вклучително и младите генерации да имаат можност да читаат и да се едуцираат на македонски јазик од вредни дела, притоа осознавајќи многу за македонскиот идентитет, е од суштинско значење за нас и за остварување на нашата цел, истакнува претседателот на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај.
-Оваа акција на првата издавачка куќа во самостојна Македонија се случува во клучен период на предизвици за македонското национално малцинство во Албанија, а непосредно откако Македонското друштво „Илинден“, на 6 февруари, одбележа 17 години постоење, соопшти издавачката куќа.
Во текот на изминатите недели, во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“, „Матица македонска“ донираше книги и за Друштвото на иселениците од Македонија „Егемакгоч“ во Измир, Турција, за училиште во Света Недела, Хрватска, каде што се изучува македонскиот јазик, како и за Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана