5.4 C
Vinica
четврток, јануари 15, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Сите лидери по средбата се согласија дека техничка влада нема да има после следните парламентарни избори

    Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по денешната лидерска средба кажа дека сите присутни се согласиле дека техничката влада треба да се укине. На лидерската средба во Клубот на пратеници присуствуваа и  генералниот секретар на ЗНАМ Горан Минчев, лидерот на Вреди Билал Касами, како и лидерите на опозиционите ДУИ и Левица, Али Ахмети и Димитар Апасиев. Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче не присуствуваше. Причината за непојавувањето Филипче наведе дека „Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата“.

    Мицкоски рече дека го прифаќаат барањето на СДСМ техничка влада да има за следните парламентарни избори, но смета дека повеќе не треба да постои, и сите лидери се согласиле дека техничката влада треба повеќе да не постои.

    „Се согласивме за техничката влада дека треба да замине во минатото. Имаше предлог од еден од лидерите да се консултира меѓународниот фактор. Од една страна сакаме да бидеме дел од европското семејство, а од друга страна сакаме да имаме техничка влада. Во ред, еве нека има техничка влада и на наредни избори како што сака СДСМ, но од тие натаму да нема“, рече Мицкоски.

    На лидерската средба се разговарало и за Законот за прекршоци кој треба да се усвои во Собранието, за да може од 1 февруари да стартува проектот „Безбеден град“ за кој е потребно двотретинско мнозинство, без Бадентер. Мицкоски кажа дека сите присутни рекле оти ќе го поддржат овој закон.

    Според Мицкоски, ако нема согласност кај сите парламентарни групи да се прифати предлогот за укинување на Пржинската влада, таа може да важи и за следните избори, па потоа да се укине. Но, како што оцени премиерот, ќе треба да се направат измени во Законот за Влада зашто има промена во ресорите.

    „Јавноста денеска беше сведок на еден поинаков пристап – на отворена, конструктивна дебата полна со предлози и идеи. Се отворија многу прашања. Предложив дебатата да продолжи на ниво на пратенички групи зашто ние сме за надминување на проблемите, а не за создавање нови“, посочи Мицкоски.

    Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, денешната средба во Клубот на пратениците ја оцени како изненадувачки, за првпат конструктивна, посочувајќи дека било начелно договорено до крајот на пролетта, односно до јуни да се донесе нов Изборен законик, иако за економските теми, како минималната плата, рече дека не наишле на разбирање.

    „Се дискутираше за модалитетите. Една изборна единица, со или без изборен цензус, отворени или затворени листи. Комуникацијата ќе продолжи на ниво на координатори на пратенички групи во Собранието со некои од министрите во Влада“, изјави Апасиев

    На средбата, посочи тој, било разговарано за укинување на техничката влада во две варијанти – или веднаш, или не за наредните, туку по наредните парламентарни избори, зависно од СДСМ.

    Последната политичка тема на која било разговарано, како што рече Апасиев, бил Oмбудсман, за кој Левица предлага соломонско решение.

    „Тоа е припадник на ромската заедница да биде избран бидејќи сметаме дека се најдискриминирана заедница која нема никакви полуги на власта, ниту министри, ниту пратеници, еден градоначалник, ако не се лажам, и сметаме дека ова е уставна категорија треба да ѝ припадне на ромската заедница“, посочи Апасиев.

    Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, кој на средбата ја претставуваше коалицијата ВЛЕН, изјави дека тие поддржуваат техничката влада да се укине веднаш, а ако нема согласност од сите политички фактори, тогаш и следните редовни парламентарни избори да се одржат со техничка влада и потоа таа да се укине.

    Како што посочи тој, на средбата било изнесено и барањето со измените на Изборниот законик да се изнајде можност за поголемо учество на дијаспората во гласањето.

    И од движењето ЗНАМ – За наша Македонија, по лидерската средба изјавија дека поддржуваат укинување на техничката влада, како и за измени на Изборниот законик и воведување една изборна единица.„Техничката влада беше воведена како привремено решение во специфичен политички контекст и со една јасна цел – обезбедување демократски, фер и слободни избори во време на политичка криза. Таа цел е одамна исполнета и зад нас се неколку успешно спроведени изборни циклуси, вклучително и последните локални избори во 2025 година“, изјави пратеникот на ЗНАМ, Бобан Караплејовски.

    ЗНАМ дава поддршка и на примената на „Безбеден град“ и апелира на негово побрзо усвојување. Го поддржуваат и Законот за прекршоците.

    На новинарско прашање зошто претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, не присуствувал на лидерската средба, Карапејовски одговори дека тој претходно имал закажани средби надвор од земјата и оти во тоа нема ништо спектакуларно.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica