8.8 C
Vinica
четврток, ноември 21, 2024

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Гувернерката Ангеловска-Бежоска ги презентира макроекономските проекции пред дипломатскиот кор и меѓународните организации

    Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции. На настанот, којшто се организира редовно по секој нов циклус макроекономски проекции на Народната банка, присуствуваа претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Обединетите нации (ОН), Програмата за развој на ОН (УНДП), делегацијата на Европската Унија (ЕУ), како и на дипломатските претставништва на Албанија, Словачка, Бугарија, Холандија, Кина, Италија, Франција, Швајцарија, Шпанија, Косово, Шведска, Унгарија, САД, Грција, Германија и Словенија.

    Минатата година просечната инфлација изнесуваше 14,1%, во целост во согласност со нашата проекција (14,2%), а и остварувањата од почетокот на оваа година се совпаѓаат со нашата проекција за 2023 година. Имајќи ги предвид досегашните остварувања, како и проекциите на меѓународните финансиски институции за пад / стабилизирање на цените на храната и енергијата, затегнувањето на монетарните услови и другите мерки, се предвидува забавување на инфлацијата, односно таа би се свела на едноцифрено ниво од 8% до 9% во 2023 година, а потоа на среден рок би забележала натамошно намалување и сведување под 3%, како што беше и октомвриската проекција. Со оглед на геополитичките случувања, ризиците околу проекцијата за инфлацијата и натаму постојат, но засега проекциите на МФИ предвидуваат поголем пад на цените на примарните производи, што упатува и на одредени надолни ризици. Потребно е и внимателно следење на сите мерки коишто влијаат на агрегатната побарувачка.

    На презентацијата гувернерката истакна дека идната поставеност на монетарната политика ќе зависи од динамиката на инфлацијата и инфлациските очекувања, но и од движењата на девизниот пазар и нивото на девизните резерви. Во моментов, надворешната позиција на домашната економија во овој циклус се оценува како поповолна, при значително помал притисок врз тековната сметка во 2023 година, пред сѐ заради падот на цените на енергентите. Ова позитивно се одразува на девизните резерви. Во услови на очекувани солидни текови во финансиската сметка, се очекува дека девизните резерви и натаму ќе растат на збирна основа и ќе се задржат на соодветно ниво, што е потребно за одржување стабилен курс на денарот.

    Во текот на презентацијата гувернерката се осврна и на очекувањата за економската активност. Растот на македонската економија во 2023 година се очекува дека ќе изнесува 2,1% (еднаков со остварениот претходната година) и потоа на среден рок би забрзал на 3,6% во 2024 година и на 4% во 2025 година.

    Растот на економијата ќе продолжи да биде поддржуван од банкарскиот систем со стапка на кредитен раст од 5,7% во 2023 година. На среден рок се очекува забрзување на растот на кредитната активност, согласно со очекувањата за подинамичен економски раст и стабилизација на очекувањата. Кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, кој е главен извор на финансирање. Годинава се очекува забрзување на растот на депозитите кој би изнесувал 6,9%, како и натамошен солиден раст во следните години, заедно со закрепнувањето на домашната економија и зголемена куповна моќ на населението.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.