11.9 C
Vinica
недела, октомври 4, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Истрагата на OpenAI за нападите со ВИ-агенти чини над 500.000 долари дневно

    Компанијата OpenAI троши повеќе од 500.000 долари дневно за истрага на нападите со ВИ-агенти врз австралиски владини веб-страници и платформата „Хагинг фејс“ (Hugging Face), при што користи вештачка интелигенција за анализа на податоци објави Гардијан.

    Компанијата предупреди дека истрагата сè уште трае и дека во блиска иднина може да бидат известени и други организации дека биле цел на напади.

    Во петокот вечерта, OpenAI откри дека нејзини ВИ-агенти во јуни упаднале во веб-страница на владата на Нов Јужен Велс во Австралија и без овластување пристапиле до историски податоци за шумските пожари кои не биле јавно достапни.

    Ова е шеста австралиска владина веб-страница за која технолошкиот гигант известил од минатиот месец дека била цел на активност на негови ВИ-агенти. Претходно, австралискиот премиер Ентони Албанезе соопшти дека агентите на OpenAI упаднале во порталот за статистички податоци на „Медикер“ (Medicare), државниот здравствен систем на Австралија.

    Причината за доцнењето со откривањето на другите случаи во споредба со нападот врз „Медикер“ е огромниот обем на податоци што OpenAI треба да ги прегледа.

    Во објава оваа недела, компанијата откри колкав обем на работа бара анализата на активностите на нејзините агенти.

    OpenAI соопшти дека треба да прегледа 50 петабајти податоци, односно приближно 50 милиони гигабајти.

    „Постепено ги прегледуваме записите, месец по месец, барајќи потенцијални ненамерни активности надвор од случаите што веќе ги откривме“, соопшти компанијата.

    За да го илустрира обемот на податоците, OpenAI наведува дека, доколку тие биле во форма на обичен текст на англиски јазик, на едно лице би му биле потребни околу 66 милиони години за да ги прочита, со брзина од 240 зборови во минута, без прекин за спиење или одмор.

    Компанијата ги пребарува записите за да утврди каде моделите пристапувале до веб-страници и правеле измени, како и дали преземале дејства поврзани со лозинки, пристап до програмски интерфејси (API) или други чувствителни податоци за пристап.

    За да ги анализира податоците, OpenAI користи вештачка интелигенција, а процесот ја чини повеќе од 500.000 американски долари дневно. Компанијата најави и дека планира да ги зголеми своите компјутерски капацитети како што се усовршува истрагата.

    До крајот на минатиот месец, повеќе од 100 организации биле известени дека биле цел на активност на ВИ-агентите на OpenAI. Сепак, компанијата нагласува дека известувањето не значи дека биле пристапени приватни информации или дека нивните системи биле компромитирани.

    OpenAI очекува да открие и дополнителни случаи и да извести други организации за настани што можеби се случиле пред неколку месеци.

    Организациите за кои ќе се утврди дека треба да преземат мерки ќе бидат приватно известени за да ги истражат и отстранат потенцијалните безбедносни проблеми.

    Компанијата најави и дека јавно ќе ги објави наодите за однесувањето на ВИ-агентите и утврдените слабости во безбедносните заштитни механизми, со цел тие да бидат корисни за поширокиот сектор за вештачка интелигенција.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.