Нов пораст на „внатрешниот“ долг, на крајот на септември годинава доспеаните, а неплатени обврски на државата на локално и на централно ниво и во сите сектори надмина 700 милиони евра. Најголем дел од долгот или повеќе од 281 милиони евра отпаѓа на ЈП и фирмите во државна сопственост. Компаративната пресметка на Порталб врз основа на податоците од Министерството за финансии покажува дека долгот е зголемен и во однос на јуни (втор квартал) и во однос на крајот на декември лани.
За само 9 месеци, во септември во однос на крајот на декември лани, внатрешниот долг, односно доспеаните, а неплатени обврски на државата и на централно и на локално ниво, се зголемени за скоро 46 милиони евра – покажува пресметката на Порталб направена врз основа на новите податоци од Министерството за финансии. Според податоците од новата „должничка листа“, вкупните доспеани, а неплатени обврски на крајот на третиот квартал изнесувале скоро 712 милиони евра – досега највисоко ниво. Долгот се зголемил и на квартална основа, за скоро 20 милиони евра во однос на јуни годинава, кога изнесувал нешто над 692,5 милиони евра.

За да се утврди трендот на движење на износите на доспеаните, а неплатени обврски на државата , Порталб направи споредба на состојбата во клучните групи на субјекти и на квартално ниво и во однос на крајот на декември 2005 година. Најголемиот дел од долгот отпаѓа на Јавните претпријатија и државни фирми чии доспеани, а неплатени обврски на крајот на септември надминале 281.000.000 евра, со зголемување за 7.000.000 евра во однос на декември лани и со пораст од 10.400.000 евра во однос на јуни, годинава.
Поголем раст на долговите има во Јавното здравство – на крајот од септември доспеаните а неплатени обврски изнесувале скоро 157.000.000 евра и во однос на декември лани се зголемени за дури 54.000.000 евра. Долговите на Јавните здравствени установи се зголемени и во однос на јуни годинава, за 23.000.000 евра. Растат неподмирените обврски и на општините кои на крајот на третиот квартал надминале износ од 93.350.000 евра, со пораст за 252.000 евра во однос на јуни годинава и за 3.000.000 евра во однос на декември лани.

Поинаква е состојбата со доспеаните а неплатени обврски на Општинските јавни претпријатија, кои на крајот на септември изнесувале над 105.000.000 евра, но со тренд на намалување во однос на јуни годинава и на крајот на декември 2025 година. Буџетски корисници од прва линија ( министерства, агенции и институции од прва линија), на крајот од септември годинава пријавиле доспеани а неплатени обврски во износ од 21.000.000 евра, со тренд на намалување во однос на јуни и во однос на декември лани. Најголем дел од доспеаните, а неплатени обврски во износ од скоро 350 милиони евра, се кон Јавниот сектор, односно „меѓу секторски“ долгови, обврските кон приватниот сектор, здруженија на граѓани и други непрофитни организации наминаа 331.000.000 евра, а долговите кон странство надминаа 33.000.000 евра.

На новата должничка листа се наоѓаат 879 институции, општини, министерства, агенции, државни фирми, училишта, јавни здравствени установи, агенции, судови, центри за социјална работа, фондови кои пријавиле дека имаат доспеани а неплатени обврски.