Српската полиција денеска спровела голема акција во неколку градови, при што уапсила петмина осомничени за сексуална експлоатација на деца преку интернет, а против еден осомничен е поднесена кривична пријава.
„Во продолжение на акцијата ‘Армагедон’, припадници на Министерството за внатрешни работи, Управата за техника, Службата за борба против високотехнолошкиот криминал уапсиле пет лица, додека против уште едно лице е поднесена кривична пријава во редовна постапка, поради постоење основи на сомнение дека се извршени кривични дела поврзани со сексуална експлоатација на деца на интернет и сексуално вознемирување“, се наведува во соопштението на српското МВР.
Како што се наведува во соопштението, уапсени се 32-годишниот М. Д. од Прокупље, 24-годишниот Ѓ. П. од Белград, 20-годишниот Е. Б. од околината на Суботица, 45-годишниот В. Ц. од Белград и 52-годишниот А. А. од околината на Стара Пазова, а кривична пријава е поднесена против 38-годишниот С. С. од Белград.
Тие се осомничени дека подолг период преку интернет преземале, чувале и споделувале фотографии и видеоснимки од сексуална експлоатација на деца. Тие, наводно, користеле и лажни профили на социјалните мрежи за да стапуваат во контакт со деца и им испраќале порнографски содржини.
При претресите на станови и прегледот на компјутери и друга електронска опрема, полицијата пронашла поголемо количество фотографии и видеоснимки, како и пораки со сексуална содржина.
„Зад секоја фотографија или видеоснимка настаната со сексуална експлоатација стои дете кое претрпело злоупотреба, а со понатамошното споделување на таквите содржини продолжува нарушувањето на неговата приватност и достоинство“, изјави Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ.
На петтемина уапсени им е одредено задржување до 48 часа, по што со кривична пријава ќе бидат спроведени пред надлежното обвинителство. Полицијата продолжува да ги утврдува сите околности и обемот на злоупотребите.
Дачиќ апелираше до родителите и до старателите да разговараат со децата за опасностите од контактите на интернет и да ги охрабрат да пријават вознемирувачки пораки или барања за интимни фотографии.