Пристапниот процес на Македонија кон Европската Унија може да оди многу брзо, доколку се откочат преговорите во спорот со Бугарија, рече денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски. Таа посочи дека земјата веќе докажа дека може да носи храбри одлуки како Преспанскиот договор, а во изминатиот период има направено и внатрешни реформи кои ги оцени како инспиративни.
Мицкоски информираше дека, по препорака на Фон дер Лајен, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски уште следната недела ќе побара средба со бугарската колешка Велислава Петрова-Чамова, и ќе иницира откочување на процесот. Мицкоски додаде оти очекува во процесот да биде вклучена и ЕУ без да заземе страна, но не одговори дали тоаа барање е прифатено.
„Секое решение мора да создава сигурност дека со неговото исполнување се затвора една фаза и се отвора патот кон следната, без простор за нови толкувања и дополнителни барања. Ако од нас се очекуваат одлуки со долгорочни последици, тогаш е оправдано да очекуваме и јасна европска перспектива за она што следува потоа. Нашата цел не е да го одложуваме процесот, туку да создадеме услови тој конечно да се движи напред на стабилна и одржлива основа“, рече Мицкоски.
Фон дер Лајен истакна дека Северна Македонија е земја која и припаѓа на ЕУ, а еден чекор ја дели од отворање на првиот кластер.
„Ние ќе ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик. Веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик можат да ја направат нашата Унија побогата“, рече Фон дер Лајен.