САД испраќа трета ударна група предводена од носач на авиони на Блискиот Исток, додека претседателот Доналд Трамп предупредува дека на повидок би можело да бидат нови напади врз Иран. Ова распоредување, кое вклучува и специјализирана амфибиска ударна група, ја нагласува динамиката што брзо се менува во војната на Трамп против Иран, додека се наближуваат изборите за Конгресот на средината на мандатот во САД.
Трамп се закани дека ескалацијата по изборите останува реална опција – и покрај неговите првични ветувања дека војната ќе трае само неколку недели. Групата бродови што моментално се упатува кон Блискиот Исток превезува вкупно повеќе од 7.000 морнари и 2.000 припадници на маринците. Таа ја вклучува ударната група на носачот на авиони „УСС Теодор Рузвелт“ и амфибиската група за подготвеност „УСС Макин Ајленд“, со нејзините два брода за амфибиско истоварување.
Според еден американски функционер, кој зборуваше под услов на анонимност поради чувствителноста на воените операции, тоа би можело да значи дека во регионот ќе има три носачи на авиони уште кон крајот на октомври. Со оглед на персоналот што веќе е распореден на Блискиот Исток, овој потег би го зголемил американското поморско присуство на невообичаено висока бројка од над 20.000 морнари и маринци, како и стотици авиони. Претходно, во април, морнарицата имаше три ударни групи со носачи на авиони на Блискиот Исток, што беше првпат по 2003 година.
Во регионот моментално се наоѓаат носачите на авиони „УСС Џорџ Х.В. Буш“ и „УСС Џорџ Вашингтон“, заедно со амфибиската група за подготвеност „УСС Боксер“.
„Вашингтон“ вообичаено е распореден во Тихиот Океан, но беше преместен на Блискиот Исток за да го замени „УСС Абрахам Линколн“, чија напорна мисија резултираше со тоа што екипажот помина повеќе од 260 дена непрекинато на море.
Можно е „Вашингтон“ да се премести во водите кај Јапонија откако ќе пристигне ударната група на „Теодор Рузвелт“.
Во интервју за списанието „Тајм“, објавено во четвртокот, Трамп ја спомена можноста за нови напади, изјавувајќи дека е можно да го засили бомбардирањето на Иран по изборите на 3 ноември. Кога беше притиснат да даде повеќе информации, Трамп рече дека не може да навлегува во детали за својата стратегија. „Не можам да ви го кажам тоа бидејќи, гледајте, прашувате: ’Каде ќе бомбардирате?‘“, рече Трамп.
Во интервјуто, спроведено во понеделникот, тој изјави дека го отфрлил најновиот предлог за прекин на огнот од Иран бидејќи работите што не би ги одобрил пред една година, не би ги одобрил ниту денес. Како пример, Трамп ја наведе понудата од Иран за отворање на Ормускиот теснец – клучниот коридор за транспорт на енергенси – но рече дека целокупниот предлог не бил доволно добар.
На прашањето дали војната, која станува сè понепопуларна, би можела да ги загрози шансите на Републиканската партија во ноември, Трамп првично одговори: „Можно е“. Но, потоа додаде: „Тоа би требало да помогне, бидејќи Иран нема да поседува нуклеарно оружје“. Претседателот изјави дека 100 отсто од луѓето се противат на тоа Иран да има капацитети за нуклеарен напад, вклучително и луѓето ширум светот.
„Значи, ако се гледа од тој аспект, тоа би помогнало“, додаде Трамп. „Ако не се гледа така, би можело да одмогне.“