Владата да ги поништи концесиите за рудникот Иловица-Штука, побараа девет еколошки граѓански организации од повеќе градови од земјава. Тие поставија рок до крајот на месецот, или 29 септември, кога владата треба да ја одржи последната седница да се исполни ова нивно барање и на тој начин да се стави крај на проблемот што трае речиси деценија и половина. Екологистите велат дека доколку не се исполнат нивните барања граѓаните ќе се организираат на протести, не само во градовите во Југоистокот, туку во целата земја.
„Разумниот рок за поништување на концесиите за рудникот Иловица-Штука што го поставивме за Владата истекува овој септември. Утврдивме дека 29 септември, вторник, ден кога Владата редовно заседава, е крајниот рок за конечно елиминирање на овој проблем, кој премногу долго го оптоварува општеството, вклучително и со коруптивни дејства. Доколку владата во овој рок не ги поништи концесиите за рудникот на Еуромакс Рисорсис, ќе сметаме дека застанала против интересите својот народ и тајно ја жртвувала Струмичката Котлина, велат од „Здрава Котлина“.
Посочуваат дека не прифаќаат одложувања, ниту пак префрлање на одговорноста и најавуваат дека во случај на неисполнување на барањето, ќе ги искористат уставните права за самозаштита.
Барањето доаѓа откако Вишиот управен суд пред неколку месеци донесе одлука со која одново дозволи спојување на двете концесии за рудникот. Судот ја пониши одлуката за престанок на важење на одлуката за спојување на концесијата на локалитетот Иловица во Општина Босилово, со концесијата на локалитетот во Општините Босилово и Ново Село, а Владата, со тоа што не се жалеше на одлуката дозволи пресудата да стане конечна.
Сепак, како што посочуваат од организацијата Здрава Котлина, тоа не е пречка за поништување на концесиите, бидејќи, Владата и концесионерот Еуромакс Рисорсис не потпишале договор за спојување, што значи дека и во моментот двете концесии се одвоени.
„Пресудата на Вишиот управен суд не ја обврзува Владата да ги спои концесиите, туку јасно укажува дека Владата треба самата да одлучи. Ние бараме да ги послуша аргументите на граѓаните кои сакаат да ја зачуваат својата животна средина и да одлучи да ги поништи концесиите“, вели Ѓорѓи Танушев од Здрава Котлина.
Барањето за раскинување на концесиите и формално ќе биде испратено до Владата во текот на оваа недела, а граѓанските активисти велат дека аргументите за поништувањето се бројни. Тие сметаат дека концесиите на Еуромакс Рисорсис се одржуваат веќе 14 години, иако законот предвидува дека во рок од четири години тие мораат да обезбедат дозвола за градење.
Од Здрава Котлина повторно предупредуваат дека отворањето на рудник во плодна котлина ќе значи иселување на населението, кое, велат ќе биде под закана загадувањето што ќе го предизвика ископувањето, минирањето и деградацијата на околината. Освен што нема еколошка, рудник, според екологистите нема ниту економска оправданост, бидејќи перспективата на земјоделството е многу поголема и подолготрајна отколку на рударството.
Сличајот со рудникот Иловица-Штука веќе неколку години е пред македонските судови. Вишиот Управен суд последната одлука ја донесе годинава, а претходно, во октомври 2022 година овој суд ја поништи пресудата на Управниот суд за конечно одземање на концесијата на „Еуромакс Ресоурцес“ за експлоатација на рудникот „Иловица-Штука“ и по жалбата на компанијата, предметот го врати на повторно судење. Со ваквото решение продолжи пинг-понг партијата помеѓу Управниот и Вишиот Управен суд кој траеше неколку години, и процесот по трет пат се врати на почеток пред Управниот суд.
Претходно, во јули 2021 година, Вишиот управен суд првпат го поништи решението на Управниот суд со кој се одбиваше жалбата на „Еуромакс Ресоурцес“ за одземената концесија и донесе одлука да има повторно судење во Управниот суд. Претходно, Управниот суд со решение во октомври 2020 година, ја одби жалбата на компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ која се однесуваше на преиначување на пресудата на Управниот суд со цел да ја задолжи Владата да ја поништи одлуката за еднострано раскинување на концесијата како неоснована и да ја задолжи Владата да ги спои концесиите.
Откако предметот по вторпат се врати во Управниот суд, оваа институција нова пресуда донесе во октомври 2022 година, со која пак ја потврди одлуката на Владата на Еуромакс да им се одземе концесијата Иловица 6 за рудникот за бакар и злато „Иловица-Штука“. Во третиот обид, Управниот суд ја уважи тужбата на „Еуромакс Ресоурцес“ против одлуката за раскинување на договорот за една од концесиите, но не и за спојување на двете концесии, но за тоа, пак, дозвола даде Владата.