23 C
Vinica
среда, септември 16, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Нова кривична пријава за Стевче Јакимовски по укината пресуда од врховниот суд

    Откако Врховниот суд ја укина пресудата против поранешниот градоначалник на скопската општина Карпош, Стевче Јакимовски, МВР му поднесе нова кривична пријава за несовесно работење во службата, против него, но и против две службенички, едната се товари за четири кривични дела, додека другата за две кривични дела.

    МВР ги сомничи службеничките дека издавале градежни одобренија и решенија спротивно на урбанистичките правила и покрај претходни забрани, а градоначалникот се сомничи за несовесно работење затоа што потпишал договори со инвеститорите без да провери дека се однесуваат на локација со укинат ДУП, иако претходно дал насока за такви локации да не се издаваат одобренија.

    „Првопријавената, како раководител на Сектор за урбанизам во Општина Карпош, во содејство со второпријавената, како вработена во истиот сектор, ја злоупотребиле својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност, така што иако знаеле и биле свесни дека издадениот Извод од план од страна на општината за ДУП претходно бил укинат со Одлука од 2018 година од Уставен суд и дека за истото од страна на третопријавениот како градоначалник на Општина Карпош биле дадени насоки да не се издаваат изводи од планови, одобренија за градење и слично за ДУП-овите кои се укинати од Уставниот суд, како и дека претходно два пати го одбивале барањето за издавање на одобрение за градење од инвеститорите поради истите и други причини, откако прво третопријавениот потпишал договори со инвеститорите за регулирање на надоместокот за уредување на градежно земјиште без да изврши увид дека тие договори се однесуваат на барања поднесени за локација за која бил укинат ДУП и за кои самиот дал насоки да не се издаваат одобренија за градење, прво и второпријавените на 23.07.2025 на инвеститорите им издале Одобрение за градење, со што им овозможиле на инвеститорите противправно да се стекнат со право на изградба на објект во вредност од 10.427.518 денари“ се вели во соопштението од МВР.

    Службенички од Секторот за урбанизам во Општина Карпош се сомничат дека издале одобрение за градење и две решенија за настрешници иако, според МВР, не биле исполнети законските и урбанистичките услови. Едното одобрение за градење било издадено на 29 октомври 2025 година, иако кон барањето бил доставен основен проект изработен спротивно на важечкиот урбанистички план.

    Според полицијата, наместо предметот да биде вратен на доработка, раководителката на Секторот за урбанизам и вработена во секторот го издале одобрението. Со тоа, на инвеститорите им овозможиле да се стекнат со право на изградба на објект проценет на 13.021.914 денари.

    Во друг случај, раководителката на секторот на 25 март 2025 година издала решение за градба на настрешница, иако, според МВР, станувало збор за засебен објект, а не за настрешница во функција на постоечки објект. Објектот бил предвиден во простор со намена Д1 – парковско и пејзажно зеленило, односно јавен простор и булеварски профил, а не бил предвиден со важечкиот урбанистички план. Полицијата наведува и дека не била доставена целосната потребна документација, ниту била извршена пресметка и наплата на надоместокот за уредување на градежното земјиште.

    Истата службеничка, според пријавата, на 30 јули 2025 година повторно издала решение за градба на настрешница, иако за истиот објект претходно била поведена управна постапка, а во 2024 година било донесено решение за негово отстранување.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.