Кумановец му се заканувал на премиерот Христијан Мицкоски на социјални медиуми. Основното јавно обвинителство поведе постапка против 39-годишен жител на селото Черкези, поради основано сомнение да сторил кривично дело загрозување на сигурноста. Според обвинителството осомничениот, во пораки преку социјални мрежи, го навредувал и му се заканувал на Мицкоски.
„Ценејќи ги околностите на извршување на делото, ризикот од бегство, а особено фактот дека осомничениот се јавува како извршител на други кривични дела од областа на насилниот криминал – насилство, лихварство и поголем број на прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор“, посочуваат од ОЈО.
Од обвинителството информираат дека се работи за конфликтна личност која влегува во постојани расправии, закани и физички пресметки со пријавители, па се оценува дека постои реален ризик ваквите агресивни испади да прераснат во потешки кривични дела со животозагрозувачки последици со кои се заканува.