На поранешниот градоначалник на Општината Карпош, Стевчо Јакимовски, ќе му се суди одново. На Јакимовски, кој во јули самиот се пријави за одлежување на затворската казна од една година, Врховниот суд вчера му ги укина пресудите на Кривичниот и Апелациониот суд и предметот го врати на повторно постапување и одлучување кај првостепениот суд.
Како што е објавено на веб страницата на Врховниот суд, Советот за казниви дела на седницата одржана во средата донесла пресуда КВП КОК2-18/26, со која го уважи барањето на осудениот Стевчо Јакимовски од Скопје, за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесено преку бранителот Виктор Цветковски.
„Судот ги укина пресудата на Основен кривичен суд Скопје КОК-157/21 од 23.04.2025 година и пресудата на Апелационен суд Скопје КОКЖ-110/25 од 15.05.2026 година и предметот го врати на првостепениот суд на повторно постапување и одлучување“, информираат од Врховниот суд.
Јакимовски беше осуден на една година затвор за предметот бесправно градење на општинската зграда во Карпош, пресуда која беше потврдена од Апелацискиот суд. Тој пет месеци помина во куќен притвор, а од казната му останаа уште седум месeци. Апелациониот суд, вториот дел од обвинението против Јакимовски за злоупотреба на службената положба го врати на повторно судење кај основниот кривичен суд.
На одлуката на Врховниот суд денеска регираше и владеачката ВМРО ДПМНЕ.
„На слобода е пуштен и Стевчо Јакимовски, кој беше правосилно осуден за криминал. Ова е сè што треба да знаете за судството водено од ДУИ и СДС, со 2 отсто доверба. Врховниот суд на Африм Фидани нанесува срам на правдата во Македонија. Сега е јасно дека инсталациите на СДС и ДУИ во правосудниот систем сè уште се активни“, пишуваат од ВМРО ДПМНЕ.