Настаните организирани по повод независноста на државата чинеле околу 340 милиони денари, односно 5,53 милиони евра, соопшти денеска портпаролката на Владата, Марија Митева.
Од вкупната сума, 300 милиони денари се средства од нераспределената добивка на Државна лотарија за 2024 година, додека околу 40 милиони денари биле обезбедени преку донации од „општествено одговорни компании“.
Митева на прес-конференција рече дека „Авалон“, како организатор на прославата, е носител на дејноста, додека „Стардаст“ ДООЕЛ, компанијата која добила средства како спонзорство од Државна лотарија, е правниот субјект, односно тие се едно исто.
„Со истиот заклучок беше укажано на Државна лотарија да обезбеди средства од нераспределената добивка предвидена за 2024 година во висина од 300 милиони денари за спонзорирање на настаните“, изјави Митева.
Државна лотарија, според Митева, имала обврска да објави и јавен повик за прибирање понуди за реализација на спонзорираните настани.
Директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, посочи дека, иако компанијата е во државна сопственост, нејзините средства не се автоматски и буџетски пари.
Според него, правниот субјективитет на Државна лотарија е причината поради која приходите на компанијата, иако се на нејзините сметки, не се третираат како средства од државниот буџет.
„Тоа се посебни пари, со посебен правен ентитет. Парите ќе станат буџетски кога низ одредена процедура и одредени одлуки ќе дојдеме до точка да ги уплатиме во трезорската сметка. Сè додека не дојде до уплата на парите, тие не се буџетски“, рече Климовски.
Митева оцени дека со прославата било покажано оти државата може да организира настани од светски размери.
„Приближно 95 проценти од целокупната програма беа македонски изведувачи, македонски сценски содржини, со што практично покажавме дека домашната музичка, сценска и театарска сцена има капацитет да организира и реализира содржини на ниво што може да биде споредувано со најголемите интернационални продукции“, изјави Митева.