И оваа учебна година започна без поставување на детектори за чад во тетовските училишта. Детекторите беа ветени уште во 2024 година, а сега ова ветување е одложено за 2027 година, пишува Порталб.мк.
Иако Општина Тетово со години ги најавува, во тоалетите на училиштата во Тетово сè уште не се поставени детекторите за чад, кои имаат за цел да ги спречат учениците од пушење на цигари и други наркотици.
„Не, не ги поставија. Тие само помогнаа со чистењето. Инаку, нашето училиште нема инфраструктура за електронска опрема бидејќи се потребни поголеми потфати“, рече Јетон Камбери, директор на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“.
И директорката на Средното медицинско училиште „Никола Штењ“, Малсоре Рамадани, потврди дека детекторите не се поставени. Но, таа вели дека ќе бидат поставени според планираното.
„Општината како основач предвидела нивно поставување, и колку што сум информирана тендерската процедура е во тек. Но, нивното поставување во нашето училиште може да се реализира малку подоцна, бидејќи кон крајот на септември планирано е да започне реновирањето и целосната реконструкција на училишните тоалети. Како дел на овој проект предвидени се и детектори за чад, така што нивното поставување ќе се изврши како дел од работите предвидени во проектот“, рече Рамадани.
На прашањето зошто детекторите за чад не се поставени за оваа нова учебна година, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, го одложи ветувањето за следната година.
„Она што беше приоритет беше чистотата во училиштата, во овој случај и во училишните тоалети, им наложивме на училиштата да ангажираат компанија која дополнително и редовно ќе ги чисти училишните тоалети и секако од следната 2027 година да се обезбедат детектори во училиштата, станува збор за јавна набавка, така што не станува збор само за обезбедување на детектори, туку и за нивно одржување и сервисирање“, рече Касами.
Поставувањето на детекторите за чад беше најавено во октомври 2024 година по разговори со Општинскиот совет за превенција на деликвенцијата кај младите.
Во март 2025 година од Општина Тетово изјавија сека со почеток на новата школска година во септември 2025 година се очекува детекторите да се стават во функција. Но, ова не се случи. Потоа следуваше ново ветување за детекторите, но без конкретен временски рок.
Сега реализацијата на ова ветување е одложено за 2027 година.
Инаку, како други девијантни однесувања во училиштето во Тетово и понатаму останува насилството , употребата на наркотичните средства, игрите на среќа и други.