31.3 C
Vinica
понеделник, август 31, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Превозниците денеска на протест пред Делегацијата на ЕУ поради ограничувањата за престој

    Асоцијацијата на транспортери „Макам-транс“ ги повика сите превозници и професионални возачи денеска да се соберат пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, на протест против новите правила на Унијата што ја засега должината на престој на возачите во ЕУ. Како што најавија од Асоцијацијата, протестот ќе се одржи од 12 до 14 часот и е предупредување во пресрет на утрешниот состанок на Работната група во Брисел каде треба да се понуди решение за статусот на превозниците, кои соочени со правилото 90/180 за престој во земјите на ЕУ се сметаат за онеправдани и оневозможени да ја вршат својата професионална задача.

    Од „Макам-транс“ во повикот за протест посочуваат дека превозниците не се бројки, туку двигател на економијата на Унијата, како и дека ограничувањата што важат за туристите, се неправедни за нив.

    Македонските транспортери, заедно со колегите од балканските држави, во јануари годинава ги блокираа граничните премини во своите земји и кон Европската Унија, во знак на протест против одлуката нивниот престој во европските држави да се ограничи според правилото 90/180.

    Од Макам-транс сметаат дека одлуката на ЕУ да го ограничи времето на престој на возачите ќе ги колабира економиите на овие држави, а ќе придонесе и за поскапување на транспортните услуги, што производите од овие држави ќе ги направи неконкурентни на европскиот пазар.

    „Падот на економиите во сите земји во Западен Балкан ќе биде огромен, ќе мора да се ангажираат странски превозници, што сериозно ќе го поскапи превозот. Од друга страна возачите доколку го надминат дозволениот број денови на престој се соочуваат со апсење, притвор и депортација“, изјави во јануари Билјана Муратовска, претседател на Асоцијацијата.

    Бидејќи и по седум месеци  проблемот се уште не е надминат, транспортерите се одлучија да се соберат на протести.

    Министерот за транспорт Александар Николоски веќе најави дека Владата бара решение да им помогне на превозниците преку склучување билатерални договори со земјите кои се дел од Шенген зоната.

    „Имаме целосно разбирање за транспортерите и се обидуваме во рамки на нашите можности да помогнеме и да изнајдеме решенија. Она што ние можеме да го направиме е да потпишуваме билатерални договори со земјите членки на Шенген зоната, веќе постигнавме договор со неколку земји, а во следниот период интензивно ќе работиме и на договор со други земји, а во септември е најавена средба со австриската Влада и во октомври со словенечката Влада,“ рече Николоски.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.