Откако онколошки пациенти реагираа дека со месеци не можат да го направат контролното ПЕТ/КТ снимање од кое зависи процената дали нивната терапија делува и како треба да продолжи лекувањето, денеска скенерот проработе. Мета пишуваше дека дел од пациентите се принудени да бараат решение во странство или во приватните болници, каде што едно снимање чини околу 1.300 евра. Министерот за здравство Сашо Клековски денеска изјави дека од денеска скенерот работи и дека се закажани 9 снимања.
„Ја имаме неопходната количина на радиоизотопот. Комуницираме и со Софија и сo Истанбул, сакаме да обезбедиме алтернативи за да може ПЕТ-скенерот да работи и во сабота. Лани работел со 2.700 снимања годишно, што е максимумот што може една камера да постигне. До редовното сервисирање се направени околу 1.100 снимки. Ние треба да таргетираме околу 5.000 – 6.000 снимки годишно оти тоа не е само за онколошки пациенти туку тој има потреба и во неврологијата. Разгледуваме да набавиме и втора ПЕТ камера“, кажа Клековски.
Откако Мета на 6 август објави дека не работи единствениот ПЕТ-скенер во земјава поради проблем со опремата потребна за да функционира, неколку дена подоцна, од Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија ни рекоа дека овластениот сервисер работел на отстранување на дефектот.
Ова снимање е важно кај онколошките пациенти бидејќи открива и лоцира тумори, утврдува дали и каде се проширил ракот и дали терапијата има ефект, што им помага на лекарите да одлучат како да продолжи лекувањето. Во меѓувреме, пациентите со месеци чекаат на контролни ПЕТ/КТ снимања.
„ПЕТ-скенерот има проблем во производството на радиоизотопи, овластениот сервисер интензивно работи на овој проблем и превземени се сите чекори што поскоро циклотронот да се стави во работен процес. Во изминатите години не бил следен протоколот за превентивно одржување на дифузионата пумпа, нејзино чистење и замена на маслото на секои 5 години. Ова раководство ги намали листите на чекање преку зголемен број ПЕТ/КТ прегледи на годишно ниво и воведување на нови здравствени услуги. Информирани се и Клиниката за онкологија и радиотерапија и Клиниката за хематологија за понатамошна тријажа на пациентите со други дијагностички модалитети. Производствениот процес ќе продолжи штом сите дефекти ќе бидат отклонети и запазени сите услови за непречено негово функционирање како што налагаат протоколите“, наведоа тогаш од институцијата, во одговорите за Мета.