28.6 C
Vinica
среда, август 26, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Изборни ветувања за инвестиции од милиони евра во „Треска“, Елмази и Владата без план за нејзина ревитализација

    На Езерото Треска во близина на Сарај, каде што некогаш во лето се освежуваа илјадници граѓани на Северна Македонија, денес човек не може ни да се доближи од лошата миризба која се шири од насобраниот отпад. Таму може да наидете на животни и неискосени пасишта. Но, тешко дека ќе наидете на луѓе. Просторот кој што некогаш беше еден од најфреквентните и најпосетуваните локации во близина на Скопје, денес е претворен во депонија и се наоѓа во мизерна состојба, пишува Порталб.мк. 

    Иако поминаа две години надлежните власти сè уште немаат понудено никакво решение за ветувањата кои ги дадоа за време на изборите, а надлежна институција е Министерството за култура и туризам.

    Низ годините, негрижата на властите и недостатокот на инвестиции го претворија Езерото Треска во еден напуштен простор. И покрај постојаните ветувања од локалните власти во Сарај за негова ревитализација, ден денес не е реализиран ниту еден конкретен проект.

    Јакуп Јакупи, жител на селото Глумово, за Порталб.мк раскажува сеќавања за времето кога Езерото Треска беше една од најпосетените дестинации во текот на летото и привлекуваше илјадници граѓани.

    Eзерото Треска во осумдесеттите години на минатиот век. Фото: Милорад Цаиќ, Фејсбук

    „Езерото се изгради со самопридонеси. Јас работев во „Железара“ и сите издвојувавме по 0,2%. Тогаш езерото беше многу убаво, но сега се уништи. Во почетокот имаше многу луѓе, беше преполно. Но, како што си заминуваа…“, раскажува Јакупи.

    Тој не верува дека надлежните институции можат да го вратат езерото во поранешната состојба. Според него, единствена надеж останува некој странски инвеститор.

    „Инвестиција, само некој странец ако дојде. Рекоа дека дошол тој од Албанија, Самир Мане или како се викаше, само тој ако направи нешто. Општината нема буџет за да го среди ова. Уличките да ги среди, доволно е“, изјави Јакупи.

    Ветувања за ревитализација на Езерото Треска дадоа и двете партии кои денес се дел од власта, ВМРО-ДПMНE и ВЛЕН, за време на кампањата на последните локални избори во Северна Македонија.

    ВМРО-ДПМНЕ проектот за ревитализација на Езерото Треска го има вклучено  на страна 5 од својата локална изборна програма за Сарај.

    Исто така, во изборната програма на актуелниот градоначалник на Сарај, Мухамед Елмази, кој доаѓа од редовите на ВЛЕН, ова ветување можете да го прочитате на страна 10.

    За време на последната изборна кампања Елмази рече дека во рок од шест месеци од преземањето на функцијата ќе знае што да прави за да го развие езерото Треска.

    „За езерото Треска, ветуваме дека веднаш по преземањето на функцијата ќе ги преземеме од почеток сите чекори и во рок од шест месеци ќе имаме јасна слика каде сме и што треба да направиме за да го развиеме езерото Треска“, изјави Елмази за Aлсат во тоа време.

    Меѓутоа, како што покажуваат и снимките од терен, досега не се преземени никакви конкретни чекори и никакви активности за ревитализација на оваа локација.

    Елмази „кренал раце“ од езерото Треска

    Порталб.мк се обрати кај градоначалникот на Сарај со прашања околу причините за непреземањето на конкретни мерки. Елмази рече дека главните овластувања за ревитализација на езерото се на централно ниво, имено овластувања има Владата и надлежните институции.

    „Целта е езерото Треска да се третира систематски и да се ревитализира на одржлива и долгорочна основа. За ова, најпрво потребно е да се завршат соодветните процедури и подготовки, со цел да се создадат реални услови за реализација на инвестициите“, изјави Елмази за Порталб.мк.

    Тој не наведе конретно за какви подготовки станува збор.

    „Целта е во текот на овој мандат да се преземат конкретни чекори, да се завршат подготовките и да се создадат услови за почеток на инвестициските активности. Секој конкретен договор или одлука ќе биде објавен во согласност со институционалните процедури и надлежности“, рече Елмази.

    Тој исто така не даде детали за неговата бомбастична најава дека албанскиот бизнисмен Самир Мане изразил желба да инвестира за ревитализацијата на езерото.

    Порталб.мк  побара детали и од претставниците на компанијата на Мане. Од таму рекоа дека засега нема ништо конкретно.

    „Штом имаме конкретни случувања и потврдени информации, ќе се погрижиме навремено да ве информираме“, изјавија од компанијата на Самир Мане, „Балфин Груп“.

    Владата во овој мандат само ќе прави подготовки, нема да инвестира

    Од друга страна и Владата на Северна Македонија беше неконкретна во својот одговор. Оттаму добивме идентичен одговор како оној на општината, во кој се вели дека во текот на овој мандат мора да се завршат потребните подготовки за да се создадат услови за почеток на инвестициските активности.

    „Нашата определба е Езерото Треска да се воспостави на одржлива и долгорочна основа. Ова значи дека првично треба да се завршат сите потребни процедури и да се создадат реални услови за инвестиции и конкретна имплементација. Владата работи во согласност со своите надлежности и во рамките на утврдените процедури. Поради тоа, во текот на овој мандат целта е да се преземат конкретни чекори, да се завршат потребните подготовки и да се создадат услови за почеток на инвестициските активности, за што ние како Влада активно работиме“, изјавија од Владата на Република Македонија за Порталб.мк.

    Министерство за култура и туризам недостапно

    Како што е познато досега, со законските измени од јули 2025 година надлежностите за езерото Треска од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и беа  префрлени на Министерството за култура и туризам, бидејќи оваа Агенција, која ги имаше надлежностите по прогласувањето на „Треска“ за Туристичка развојна зона со
    одлука на Владата во 2021 година беше укината.

    Помина една година, а Министерството за култура и туризам сè уште не преземала никакви конкретни чекори на терен. Порталб.мк  побара одговор од ова министерство, но доби само молк.

    Долгогодишни, но не исполнети ветувања

    Во 2013 година, државата и ги предаде надлежностите за езерото Треска на Општина Сарај. Оттогаш, градоначалниците на оваа општина неколку пати ветуваа дека на езерото ќе му биде вратено поранешниот изглед, но тоа се уште не е остварено.

    Во 2021 година Општина Сарај започна со рушење на објектите и другите содржини околу езерото. Во тоа време, поранешниот градоначалник на Сарај, Блерим Беџети, го презентираше и урбанистичкиот план за ревитализација на просторот. Планот предвидуваше рекреативно-спортски центар, базени, аквапарк, забавни зони,
    сместувачки капацитети, хотели и други содржини.

    Исто така беше формирана меѓуинституционална комисија за подготовка на документацијата за градежното земјиште со цел објавување на јавен повик за меѓународни инвеститори.

    Во периодот 2021–2023 година, иако комисијата одржа неколку состаноци, процесот не стигна до фазата на објавување на јавен повик. Институциите почнаа меѓусебно да се обвинуваат, Општина Сарај го обвини Министерството за економија и Агенцијата за туризам за бавност и побара месечна ревизија од страна на Владата, додека пак од Агенцијата нагласуваа дека сите понатамошни активности зависат од динамиката на
    самата комисија на чело со општината.

    Во 2025 година имавме локални избори и нови ветувања за ревитализација на овој простор. Во јули имаше реконструкција на Владата и префрлање на надлежностите од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Министерството за култура и туризам. Како резултат на тоа, прашањето за менаџирањето и стратегијата за езерото
    Треска премина во надлежност на ова ново министерство.

    Во 2026 година, една година по префрлувањето на надлежностите на централната власт, на терен нема никаков конкретен чекор.

    Езерото Треска е изградено во 1978 година со самопридонес на жителите на Скопје. Со површина од 136.000 квадратни метри и капацитет за 10.000 посетители во 1980-тите и 1990-тите функционираше главно како место за пикник за жителите на Скопје, посебно во летните месеци. Околу езерото, кое е длабоко од 1,6 до 3 метри, имало дрвени куќички, кафулиња, ресторани, базени, соблекувални, тоалети, спортски терени, како и камп приколки. Езерото Треска функционирало само 20 години. Во 1998 година, поради загадување на водата, било затворено за капење и оттогаш започнало неговото уништување. Денес комплексот околу езерото е целосно уништен.

    Пишува: Албион Мемети 

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.