Министерството за здравство во денешното соопштение ги повтори тврдењата на Универзитетскиот институт за позитронско емисиона томографија (УИ ПЕТ) за нефункционалноста на единствениот ПЕТ/КТ скенер во државата по реакција на политичката партија Левица.
Реакцијата на министерството следува по објава на Левица каде се цитира текст на Мета.мк во кој се открива дека единствениот ПЕТ скенер во државата не функционира.
И од министерството, како и од УИ ПЕТ, тврдат дека проблемот со ПЕТ/КТ скенерот произлегува од долгогодишно занемарување на протоколот за превентивно одржување на дифузионата пумпа, вклучувајќи нејзино редовно чистење и замена на маслото на секои пет години.
„Оваа состојба е последица на системски пропусти акумулирани низ подолг период, за што актуелното раководство веднаш по констатираната сосотојба презема мерки за надминување на проблемот“, тврдат од министерството.
Од Министерството, исто како и ПЕТ УИ вчера, велат дека овластен сервисер веќе работи на дефектот, но не се знае кога ПЕТ скенерот повторно ќе почне да работи. Дополнуваат дека се свесни за тежината на состојбата за пациентите со онколошки заболувања, поради што Клиниката за онкологија и радиотерапија и Клиниката за хематологија се веќе информирани за понатамошна тријажа преку други достапни дијагностички модалитети, со цел лекувањето да не трпи прекин.