26.4 C
Vinica
вторник, август 11, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    ПЕТ-скенерот сè уште е расипан, нема информации кога онколошките пациенти ќе може да се снимаат

    Единствениот ПЕТ-скенер во земјава и натаму не работи поради проблем со опремата потребна за да функционира. Од Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија за „Мета“ велат дека овластениот сервисер работел на отстранување на дефектот. Ова снимање е важно кај онколошките пациенти бидејќи открива и лоцира тумори, утврдува дали и каде се проширил ракот и дали терапијата има ефект, што им помага на лекарите да одлучат како да продолжи лекувањето. Во меѓувреме, пациентите со месеци чекаат на контролни ПЕТ/КТ снимања. Дел од пациентите се принудени да бараат алтернативи во странство или во приватни здравствени установи, каде едно снимање чини околу 1.300 евра.

    „ПЕТ-скенерот има проблем во производството на радиоизотопи, овластениот сервисер интензивно работи на овој проблем и превземени се сите чекори што поскоро циклотронот да се стави во работен процес. Во изминатите години не бил следен протоколот за превентивно одржување на дифузионата пумпа, нејзино чистење и замена на маслото на секои 5 години. Ова раководство ги намали листите на чекање преку зголемен број ПЕТ/КТ прегледи на годишно ниво и воведување на нови здравствени услуги. Информирани се и Клиниката за онкологија и радиотерапија и Клиниката за хематологија за понатамошна тријажа на пациентите со други дијагностички модалитети. Производствениот процес ќе продолжи штом сите дефекти ќе бидат отклонети и запазени сите услови за непречено негово функционирање како што налагаат протоколите“, наведено е во одговорот од институцијата.

    Мета го пренесе искуството на онколошка пациентка, чиј идентитет ѝ е познат на редакцијата, која кажа дека ПЕТ/КТ скенерот не работи два до три месеци. Во еден период апаратот бил повторно ставен во функција, но само неколку дена, по што снимањата повторно запреле.

    „Докторот ме советуваше да не чекам бидејќи сигурно ќе треба да поминат уште неколку месеци. Затоа одлучив снимањето да го направам во странство. По неколку месеци терапија требаше да направам пауза за да видиме каква е состојбата и како да продолжиме, но за тоа е потребно ново снимање. Еве, веќе трет месец не можам да го направам“, вели пациентката.

    Таа објаснува дека без резултатите лекарот не може да процени дали терапијата дала резултат и дали треба да продолжи, да се прекине или да се промени.

    И самиот УИ ПЕТ на својата официјална веб-страница, која патем редиректира кон сомнителни содржини на интернет, наведува дека ПЕТ/КТ снимањата се користат за одредување на стадиумот на болеста, планирање радиотерапија или хемотерапија, следење на ефектите од применетата терапија и откривање рецидив.

    Слични сведоштва се споделуваат и во групите за поддршка на онколошките пациенти на социјалните мрежи. Во Фејсбук групата „Не си сам/а во оваа борба“, пациентка на 20 јули напишала дека од Институтот добила информација оти сервисирањето е во тек и дека до крајот на месецот најверојатно нема да има снимања.

    „И јас чекам, веќе трипати ме враќаат“, напишала друга пациентка.

    Застојот добива дополнителна тежина бидејќи јавното здравство располага со само еден ПЕТ/КТ-скенер.

    Во ревизорскиот извештај за искористеноста на современата медицинска опрема, Државниот завод за ревизија утврдил дека  Универзитетскиот институт за позитронско емисиона томографија (УИ ПЕТ) е единствената јавна установа во земјава специјализирана за ПЕТ/КТ снимања и дека располага со еден скенер.

    Во периодот од 2021 до 2023 година биле реализирани 6.457 упати, односно просечно околу 180 снимања месечно. Максималниот капацитет на расположливата опрема, според информациите што УИ ПЕТ им ги доставил на ревизорите, бил 13 пациенти дневно.

    Ревизорите оцениле дека со набавка на втор скенер би се зголемиле достапноста и бројот на услуги. За втор апарат веќе имало и обезбеден соодветен простор во Институтот.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica