Основното јавно обвинителство Скопје поведе скратена постапка против 46-годишен маж, осомничен за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
Според Обвинителството, осомничениот се товари за кривично дело по член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 и став 1, како и за кривично дело „Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“ од член 301 став 1 од Кривичниот законик.
Сообраќајната несреќа се случила на 7 август, на улицата „Радишанска“ во Скопје. Осомничениот управувал автомобил „Сеат Алтеа“, а на крстосницата со улицата „18“, каде што сообраќајот не е регулиран со сообраќајни знаци, свртел налево без да ги пропушти возилата што доаѓале од спротивната насока.
Со тоа, како што наведува Обвинителството, му го пресекол патот на мотоцикл „Кавасаки“, управуван од Никола Макрачевски, кој од спротивната страна на крстосницата го задржувал правецот на движење.
За да избегне директен судир со „Сеатот“, мотоциклистот се поместил налево и преминал на коловозната лента наменета за движење на возила од спротивната насока.
Таму, според досегашните наоди на Обвинителството, со предниот дел од мотоциклот директно удрил во автомобил „Алфа Ромео“ кој доаѓал од спротивната страна.
Од силината на ударот, мотоциклистот излетал од моторот и паднал на коловозот. Тој се здобил со тешки телесни повреди од кои починал. Во несреќата полесно бил повреден и возачот на „Алфа Ромео“.
Обвинителството поднесе постапка против 46-годишникот дека по сообраќајката не им укажал помош на повредените, туку го напуштил местото на несреќата.
„Со цел обезбедување на лицето во текот на постапката, јавниот обвинител предложи да му бидат определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска да се јавува во Судот, привремено одземање на патната исправа и одземање на возачката дозвола“, соопшти Обвинителството.
За осомничениот во тек е постапка, а за настанот ќе следува и понатамошно утврдување на сите околности поврзани со сообраќајката.