Вкупно 332 возила во месец јули биле одземени согласно член 300-б од Кривичниот законик за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, соопштија денеска во Министерството за внатрешни работи. Полициските службеници во месец јули констатирале 20.976 сообраќајни прекршоци, а лишени од слобода биле 496 лица за безобѕирно управување на возило.
„Во периодот од 1 до 31 јули, како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ државата, од вкупно 20.976 издадени платни налози, 4.241 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење. Лишени од слобода за безобѕирно управување на возило биле 496 лица, од кои 81 за возење под дејство на алкохол, 373 за возење без возачка дозвола, 25 поради претходно изречена забрана за управување на моторно возило, три за возење со брзина поголема од дозволената во населено место, 13 за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место, едно лице за возење во забранет правец“, наведено е во соопштението од МВР.
Според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на месец јули евидентирани се 4.694 прекршоци за неправилно паркирање, како и 430 санкции за возење под дејство на алкохол.
„Согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 2.073 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем. Исто така санкционирани се 1829 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 299 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 125 заради техничка неисправност. Санкционирани се и 44 возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии)“, нсведено е во соопштението.