Владата прогласи кризна состојба на целата територија на Македонија поради зголемениот ризик од пожари на отворено и шумски пожари. Кризната состојба ќе трае 30 дена, почнувајќи од денеска, 1 август.
Како што соопшти Владата, одлуката треба да овозможи координирано дејствување и мобилизирање на расположливите институционални капацитети за заштита на населението, имотот и природните ресурси.
Со одлуката се активира Главниот штаб при Центарот за управување со кризи (ЦУК), кој ќе заседава постојано. Штабот во рок од 24 часа треба да изготви акциски план за превенција и справување со пожарите, да направи преглед на расположливите човечки и материјално-технички ресурси и да подготви план за координирано дејствување на надлежните институции.
Владата ги задолжила сите органи на државната управа да постапуваат во согласност со прописите за управување со кризи и целосно да ги стават своите капацитети на располагање за интервенции на терен.
Во владиното соопштение не се наведува колку пожари моментално се активни, каде се наоѓаат најризичните подрачја, ниту кои дополнителни ресурси ќе бидат ангажирани. Овие информации треба да бидат утврдени со акцискиот план на Главниот штаб на ЦУК.