Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упатува апел до сите учесници во сообраќајот во деновите на продолжениот викенд и празнувањето на 2 Август- Илинден да возат внимателно и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Од Советот информираат дека за време на претстојниот празничен викенд се очекува зголемена раздвиженост на сите категории учесници во сообраќајот особено на патните правци кон туристичките места Охрид, Преспа, Дојран, Крушево, Пелинце, излетничките места и кон граничнитепремини.
„Во услови на зголемен интензитет на сообраќајот, внимателното и одговорно учество во сообраќајот е клучен предуслов за зачувување на безбедноста на сите учесници. Апелираме да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и ограничувањето на брзината на движење со возилата, да не се управува моторно возило под дејство на алкохол и недозволиви психотропнисупстанци или во состојба на замор, задолжително да се користи сигурносен појас, а децата на возраст до пет години да се превезуваат во соодветни детски седишта, како и да не се користат мобилни телефони за време на управување со возило, а пред поаѓање на пат да се провери техничката исправност на возилото“, советуваат од РСБСП.
Од таму апелираат и до велосипедистите, мотоциклистите, возачите на лесни електрични возила и пешаците да се движат внимателно, да ги почитуваат сообраќајните правила и да придонесат за поголема безбедност во сообраќајот.